Живот посветен на верата – Роберт Конески
Света должност е да се образуваат децата
Очекувам да порасне бројот на верниците кои се исповедаат со напредокот на образованието во верата
Желбата да го посвети животот на Бога го однесла сегашниот ѓакон во црвата Свети Кирил и Методи, да не стане инженер по сообраќај, туку свештеник. Го привлекувала науката за религиите, му лежела духовната и телесна служба на Бога. После неколкумесечните студии на факултетот за сообраќај во Битола, се запишал и дипломирал на Теолошкиот факултет во Скопје. Тој е еден од помладите свештеници на 38 годишна возраст. Детството го поминал скромно, со баба му и дедо му, кои ја почитувале православната вера. По средното образование, станал студент на одделот за патен сообраќај на Техничкиот факултет во Битола, иако кај него тлеела желбата за наука во сосема друго поле – теологијата. Растен сум во сиромашно семејство. Тешко беше да се пробиеш на Богословија без поткрепа. Ама, ете, имало Божја промисла, па успеав да се запишам на Теолошкиот факултет – вели Роберт. Со голема љубов и интерес ги полагал 30-те испити. Студирал да стекне знаење, а во втор план му била свештеничката професија. Од 1997, кога се запишал, досега доста е променето на факултетот. Полесно се најдуваат материјали со помош на интернетот и се доаѓа до квалитетно знаење. А и Македонската Православна Црква со посилно темпо објавува стручни книги што своевремено ги немало. За теологијата, пресудна беше мојата голема верба во Бога. Ме интересираше и историјата и јазиците, а токму теолошкиот факултет беше местото да се “пронајдам”. Сé сам сторив и успеав без никој, само со Божја помош – рече ѓаконот кој од мал пеел во црквите и подоцна како студент ја водел црковната евиденција. Факултетот е само основа, а потребна е секојдневна надградба со знаењето како во секоја струка, а најмногу во неговата.
Етика на религиите во училиштата
Ѓаконот ги следи стапките на Исус, кој ги советувал младите. И тој сега ја има светата должност да ги образува учениците од основните училишта по предметот Етика на религиите. Бил поборник за изучување на веронауката. Не се надевал дека ќе ја спроведува благородната служба, ама и тоа го поврзува со свештеничката работа, со цел и на младите да им се доближе христијанскиот начин на размислување. Кај децата има голем интерес, оти веќе гледаат филмови на христијанска тема. И читаат таква литература. На часовите ги појаснуваме работите што ги виделе или прочитале. Нема неодговорени прашања. Дечињата се многу искрени и љубопитни, а јас се трудам да им дадам одговор на сите – вели Конески кој со помош од најсовремена литература ги образува младите за вредностите на христијанскиот начин на живот. Ѓаконот Роберт е и административен служеник во црквата Параклис. Ја води црковната библиотеката и администрацијата на црковните книги за крштевки, венчавки и погреби.
Верата не е само адет
Има луѓе кои идат секој ден в црква и палат свеќи иако брзото темпо на живот не дозволува доволно време за спокојство. Има голем број верници, кои доаѓаат за поголемите празници и учествуваат во богослужбите. Меѓутоа, најниско нешто е да ја сведиме верата на адети и обичаи. Мораме секојдневно да живееме според христијанските правила и Светителите да ги следиме и да учиме од нив, а не да ги славиме само еден ден со гозби и пијанки, како што е пракса – додава Конески. Роберт вели дека МПЦ се држи до сите канонски правила, Некогаш има практични проблеми од недостигот од финансиски и технички карактер. Кажува дека и во православната црква има исповед, но преку медиумите повеќе гледаме за католиците и се запоставува фактот дека и во православната вера има покајание пред постот за причест. Тоа е нужно за духовно олеснување. Свештеникот при исповедта е врската меѓу верникот и Бог, а Бог е тој што ги простува гревовите. Современот начин на живот носи поголем број на можности за потклекнување и гревови, иако отсекогаш имало среброљубие, завист, злоба, омраза… Се омасовува бројот на верниците кои се исповедуваат и очистуваат од гревот. Ама покајанието мора да биде искрено. Ако се прави, треба да се прави како пред Бога. Очекувам да порасне бројот на верниците што се исповедаат со напредокот на образованието во верата – вели ѓаконот кој е семеен човек со жена и седумгодишен син.
Тој живее според христијанските правила, а сигурно Господ тоа ќе го цени и награди. Невкусната поговорката “Не гледај што правам, слушај што кажувам”, Конески ја објаснува дека важи за сите, оти никој не е безгрешен.
Монасите до народот
Монаштвото е темел на црквата, тоа е составено од луѓе кои животот го посветиле на Бога. Монаштвото придонесува кон приближување на верата до обичниот човек. Конески вели дека манастирите не се целосно отворени за бркање на луксуз или гозби и “картање” за да се зачуваат објектите и вредностите. Добро и атрактивно е што со оживувањето на верата, се зголемува бројот на заинтересирани да станат монаси – вели ѓаконот кој е последен по чин во црковната хиерархија. Во некои манастири се произведува мед, восок, ракија и вино.
Свети Стефан – заштитник на ѓаконите
Тој бил првиот христијански маченик. Според делата на апостолите, тој бил Евреин, роден во странство, кој живеел во Ерусалим и кој ѝ се придружил на црквата многу млад. Тој бил еден од седумте ѓакони назначени од апостолите да се грижат за старите жени, вдовиците и сирачињата. Жестоко се противел на јудеистичкиот култ на храмовите. Поради тоа што го искажувал своето противење, бил изведен пред Санхедрин. Неговото бранење на христијанството толку ги разбеснило неговите сослушувачи што бил осуден на смрт со каменување.