Сите предмети í одат

Добриот глас надалеку се слуша, ама овајпат поговорката има буквално значење. Крушевското основно училиште ,,Никола Карев,, во спомен на легендарниот пејач Тоше Проевски, кој поминал низ неговите клупи, организирал рецитал. Меѓу 20-те ученици од Крушево, почесен гостин била рецитаторката Деспина Сиљаноска од ОУ “Климент Охридски”. Ја поканил директорот, затоа што разбрал дека Деспина одлично рецитира, а нејзината сестра Теодора одлично пишува. Од книгата на Теодора “Мисија”, која во целост е посветена на Тоше, Деспина со многу емоции ги изрецитирала песните “Солзи” и “Мајчините солзи”, кои длабоко допреле во срцата на присутните. Го посетиле кабинетот по музичко, каде Проевски стекнувал основа за пеењето. Со пиетет го гледале клавирот кој го користел. Делејќи ја заедничката љубов кон Тоше, Деспина стекнала голем број на пријатели. Седмоодделенката е повеќепати наградувана за нејзиниот глас. Лани била прва на манифестацијата “Поетски ракувања”. На чело била и на рецитирањето за “Месецот на книгата” во библиотеката. Деспина ги сака сите предмети, особено општествените. Радостí, а не мака, е и кога ја пополнува “празната карта” по географија, кога на интернет бара “трошка” повеќе да научи историја. Го учи и германскиот јазик да се разбере со роднините, кога ќе појде таму. Сиљаноска учествува во драмската секција. Вежба и изведби полни со хумор по урнекот на битолската трупа “Солзи и смеа” и скечевите од “К-15”. Во музичкото “специјализира” клавир, изведувајќи класици, ама и модерните песни. Порано членувала и во играорното друштво “Везилка”. Чека да се стопли, па да заигра и кошарка, оти од мала го сака овој спорт. Наоѓа време да изгледа некој филм на компјутер, оти телевизорот е ,,окупиран,, од домашните. Оскаровецот ,,Титаник,, го знае напамет. Сака авантуристички филмови. Скроен и е планот. Од основно, правец в Гимназија, па на Факултетот за драмски уметности. После во Белград кај тетка í, каде планира да стане актерка, како нејзиниот идол Раде Шербеџија.

Loading