Вечерва (19, 30 ч.) во Спортска продавница “Лукас”
Редакцијата “Зенит” и локалната самоуправа доделуваат пехари и пофалници на најзаслужните
Најдобриот спортист на Прилеп за 2011 година ќе биде познат вечерва (19, 30 часот), на прогласувањето во спортската продавница “Лукас” во центарот. Манифестацијата по четвртпат е во организација на неделникот “Зенит”, под покровителство на локалната самоуправа. Процесот се одвиваше месец ипол. Прво се гласаше од страна на читателите по СМС за тројца по категории, после 14-члената Комисија ги даде своите гласови. По нивниот збир се доаѓа вечерва до името на најдобриот. На списокот беа точно 30 кандидати: фудбалерите на 11 Октомври, Благоја Гешоски, Владо Данилов, Денис Димитриоски, Пеце Коруновски, Дејан Кулески, Филип Мирчески, Владимир Мојсовски, Владимир Петрески, Благојче Рутевски, на Победа јуниор Александар Зојчески, фудбалерката на Победа Елена Чакмакоска, кошаркарот на Ултимејт баскет Срѓан Божиќ, џудистот на Пролетер Никола Велески, стрелачката на Херој Прилеп Маја Димитриоска – Чешелкоска, ракометарките на Жито Прилеп Кристина Илиеска, Дијана Наумоска и Ивана Петковска, пингпонгарите на Младост Ѓоко Јочкоски и Андреј Лашкоски, велосипедистот на Илинден Иле Крстески, борачот на 7 Мај Леов Гоце Митоски, боксерот на Ас Александар Николоски, кикбоксерите на Максам Катерина Атанасоска и Мартин Димоски, параглајдеристите на Делта Мартин Јованоски и Миле Јованоски, шахистот на Прилеп Тони Кироски, каратистите на Ронин Зорица Спиркоска, Поликсенија Јованоска и Верица Трајкоска. Претходните три години имаше рамноправни титули по категории, фудбалер (двапати Илија Несторовски од Победа, еднаш Филип Мирчески од 11 Октомври), олимписки (борачот Стојанче Тушески од 7 Мај Леов, ракометарките Цветанка Срњакова и Тања Шалевска од Жито Прилеп), неолимписки (двапати параглајдеристот Мартин Јованоски од Делта, еднаш каратистката Верица Трајкоска од Ронин). Вечерва пехари и пофалници ќе бидат во рацете на најуспешните кои ја одбележаа спортската 2011 во Прилеп.