Аплаузот е триумф за актерот

Петар Димоски, актер

Аплаузот е триумф за актерот

Петар Димоски, е актер, кој оставил траги во театар, но и како режисер во Драмскиот театар, Струмичкиот, Штипскиот. Придонес дал и во Македонската телевизија. Полни 34 години е на сцената. Првата улога му била Арнаутинот во Антица, во режија на Благоја Дамески. Ликот на Арнаутинот живее со мене и денес. Можеби поради тоа што имав предизвик – глумев зборувајќи албански – вели актерот. Уште од 60 – те години, по гимназијата, го “каснала театарската бубачка”. Затоа се посветил и академски да биде близок со театарот. Студирал театарска режија. Но, бил и меѓу актерите. Проби имаше и доцна во ноќта. Затоа театарот ми беше и прв, и втор дом – објаснува Димоски. Комлексно е актерството, зашто сцената бара да се ,,изнесат,, ликовите пластично, автентично, да се доловат карактерите. Тоа е “крастата” на театарот – чепкање по карактерите, историја, филозофија, чувства. Возвишено е чувството на штиците. Уште посилни се емоциите од аплаузите на гледачите. Секоја претстава ново доживување, нова радост, нови сознанија, нов мерак. И сега ми трепери душата од аплаузите. Последните години помалку сум присутен на сцената, заради здравствените проблеми. Ми лежи играта на старецот Максимилијан Топаловиќ во “Маратонците го трчаат почесниот круг”. Приближувајќи се кон староста, размислував како да го одиграм ликот, оти нема текст. Се надевам дека успеав во креацијата – потенцира Петар. Не знае колку ролји минале низ него. Нема евиденција, но многу биле. Потребен е многу труд, концентрација на сцената. Актерите сакаат да остават впечаток, да ги возбудат очите на публиката, која знае што е добра претстава, добра улога, и знае да наградува. Актерите живеат за аплаузите. Се бриши целата мака, кога аплаузот триумфира. Се чувствува гордост, исполнетост – потенцира актерот. Димоски беше потписник на бројни претстави кои ги режираше не само во прилепскиот, туку и другите театри низ Македонија. Посебно задоволство предизвикува режијата. Оти умеев да бидам и режисер, а занев и да сум актер. Драги ми се режиите на претставите за деца. “Волшебникот од Оз”, “Мачорот Марко”, “Оливер Твист”, “Василица Прексрасна”, “Хајди”, “Јунаците од бајките” се дел од претставите за деца кои со голем кеф ги поставив на сцената. Значителен дел од младите актери израснаа в театар со моите претстави – додава Димоски.

Ќе останат запаметени ролјите: ЧЕДО во “Мангите пијат чај” БУБИ во “Човек на положај”, НАТЕМАГО во “Натемаго”, ТРАЈАН во “Македонска крвава свадба”, ПОП ЃОРЃИЈА во “Градскиот саат”, ПРЕТСЕДАТЕЛОТ во “Аферата Едвард”, ОТЕЦОТ во “Крчма крај патот”, ЗАМУХРИШКИН во “Коцкари”.

Режии на претстави: “Мајка”, во Драмскиот театар, “Смртта на трговскиот патник” во Струмичкиот театар, “На крајот од патот” во Штипскиот театар, “Суд”,Ѓаволска комедија” во Прилепскиот театар и др.

Loading