Фудбал: Вратата не е затворена во 11 Октомври
Тренинзите продолжуваат в сала и на терен
Во преодниот рок, прволигашот 11 Октомври се засили со бековите, десниот Јовановиќ од Раднички Ниш, Србија и левиот Ѓорески од Охрид 2004. Тука не е заклучен списокот. Место има во нападот, за докажан голгетер. Има најави за приклучок на таков квалитетен играч, но треба да се причека. Многу се зборуваше за доведување на напаѓач. Имало изгледи. Стручниот штаб е фокусиран на тренинзите со 25-те првотимци. Работиме по планот за подготовките – вели Трајче Илиоски, тренер на 11 Октомври. Со снегот и студот, стручниот штаб бара место за работа. Некогаш се користи спортската сала “Македонија”, другпат теренот од Спортски центар. Нема болни и повредени и сите играчи максимално ги извршуваат обврските. Комбинираме, се снаоѓаме. Договоривме пријателски, денеска со Младост Лучани во Дојран, после со Гостивар и Металург во Охрид. По викендот планираме престој крај Езерото – најавува Илиоски. Претходно беа одиграни два меча (реми 2-2 кај Миравци и победа 0-2 над Охрид лоте). Доколку ФФМ е на став да нема пролонгирање првенствениот старт со Ренова во Тетово е на 4 март.