Кире Гаралоски, директор на ОМУ ,,Орде Михајлоски – Оцка,,
Точно 25 наставници се грижат за образованието на децата со дарба за музика, кои совладуваат знаења на десетина инструменти, а најнови се и гитарата и саксафонот
Семејството Арсоски подарило клавир на градската скепса за музичките перспективи
Прилеп е и град кој ја почитува музиката без разлика дали е народна, класична или модерна. Местото каде 63 години се “калат” младите основци со афинитети кон музиката е основно музичко училиште “Орде Михајлоски – Оцка”. Шеестте и кусур години не го забавиле еланот. Напротив, ја распламтиле жарта кај педагозите да анимираат повеќе деца со музички таленти, кои се изградуваат и образуваат во модерното училиште, како десетици генерации пред нив. За разлика од некогашните импровизирани услови, сега учениците се подготвуваат во современи услови, со професионален кадар, соодветни инструменти, и пријатен амбиент за следење на наставата. Наставниците родителски работат со децата. Не за џабе, просветниот инспекторат ги оценил со добар, само една оценка пониско од најдобрата. Ќе ја освоеле и четворката, ако успеале да ја сменат внатрешната столарија, подот и други финеси, кои сега се веќе изработени или се работи на нив со финансиска поддршка од локалната самоуправа. Кадарот се состои од 25 наставници и техничко-административен персонал. Таман за успешна работа на училиштето.
Темелите на Данчо Шиндило
– Општинското основно музичко училиште “Ордан Михајлоски – Оцка” е изградено во четвртата деценија од минатиот век како приватна куќа на фамилијата Бектешовци, национализирана по ослободувањето. Развојот на музичката култура, нераскинливо е поврзан со подемот на музичкото училиште – кажуваат архивите на училиштето. Во документите, грижливо чувани, стои дека темелите биле поставени со иницијативата на Богдан Шиндилоски – Данчо во 1949 година. Градскиот одбор одобрил зграда, а директорот Данчо Шиндилоски и наставниците се “втурнале” во визбите на другите училишта од каде изнесуавале клупи, маси и табли, кои биле речиси неупотребливи. Секој од наставниците грабнале пила, тесла, шајки, метро и се дале на оспособување. Собите за настава добиле изглед на училници. Се “притискала” Гимназијата, која имала клавир, а тој го добиле како замена за хармониумот. Се побарал единствениот приватен клавир од семејството Арсоски, кој бил неупотребен, а луѓето имале добра волја и им го дале. Наставниците “создале” по 2-3 виолини. Наставникот Сергеј Михајлов донел потребна литература, клавир, хорна, виолина и виола. Дувачките инструменти биле добиени од соколското друштво. Се било готово да се започне со работа. Градов со скепса гледал на музичките перспективи, поради народната, “кемане куќа нерани”. Затоа и наставниците имале маки со предрасудите.
Музичко со компјутери
,,Растело,, училиштето со борбата против предрасудите. Омасовувал интересот за музичко образование, а просторните околности не ги задоволувале во целост потребите. Затоа бил изграден нов дел во 1984 година зад зградата. Се подобриле просторните услови. Сега има корисна површина од 380 м2, во која се распоредени 17 училници за индивидуална настава – кабинети и две училници за колективна настава, опремени со нагледни средства и помагала. Санитарниот јазол е целосно обновен во 2010 г., со финасиска поддршка од локалната самоуправа. Продолжува соработката со локалните власти со промената на надворешна столарија, и обновата на фасадата. Се подготвува промена на подовите, внатрешните скали и грејните тела со парно греење. Со информатичката модернизација “Компјутер за секое дете”, една училница е опремена со компјутерска опрема: една централна и десет работни единици, за што е инсталирана и нова електрична мрежа – кажа Кире Гаралоски.
Саксафон и гитара
Музичкото училиште ја шири и афирмира музичката култура кај учениците од основните и помалку од средните училишта. Во 2011/12 година има 395 ученици, распоредени според инструменти во 30 паралелки во две смени. Наставниот кадар брои 25 наставници. За солфеж предаваат четири наставници, виолина двајца, клавирската класа брои девет наставници, кларинет, труба и флејта, соло пеење, народни инструменти предаваат по еден наставник, хармоника предаваат четири наставници, а како новина се новите класи за саксофон и гитара – вели директорот Кире Гаралоски. Додава дека наставата се изведува во групи и индивидуално, со тоа што часовите се распоредени во спортивни смени со основните училишта, за кои вели дека одлично соработуваат. Училиштето може да се пофали со голем број музички инструменти и опрема во кои влегуваат: 48 виолини,12 клавири, 7 кларинети, 4 труби, 8 флејти, 14 хармоники, еден контра – бас и комплет озвучување со 6 микрофони. Ниту еден инструмент не “собира прашина”, оти се максимално искористени – се пофали Гаралоски.
Признанија и соработка
Директорот со палета од награди и признанија вели дека учениците се носители на голем број на награди од општински, државни и меѓународни натпревари. Само во учебната 2010/2011 година се освоени шест први места, три втори и шест трети места на меѓународни натпревари. Од државните зграбиле три први места и осум втори. Плодна соработка имаат со Центарот за култура “Марко Цепенков”, театарот, ликовната галерија, градската библиотека, со основните и средните училишта, локалната самоуправа, Министерството за образование и култура и Бирото за развој на образованието. Негуваат добри односи со Охридска Банка, Тутунска Банка, Витаминка, Прилепската пиварница и медиумите. И односите со советот на родители се на високо ниво. Секој родител има сознанија за напредокот во музичкото образование своето дете и на кое поле треба да се подобри. Создаваме , уметници, креативци, композитори, изведувачи, солисти и инструменталисти, добри познавачи на музичката историја и литература, и, на крајот, ја негуваме и унапредуваме музичката култура. Паралелно градиме личности со морални вредности, поттикнувајќи го музичкото творештво – заврши Гаралоски, кој најавуви збратимување со српското училиште во Кралево и хрватското од Макарска.