Купидон во економското

Купидон е на “штрек со стрелата” и чека во економското “Кузман Јосифоски – Питу”, оти знае дека веќе е станата традиција за празникот Свети Валентин да се покажува љубовта кон помалку среќните. Годинава интуитивни професори по англиски – Мери Најдоска, француски – Јане Џингоски, германски – Мануела Котеска, информатика – Јасминка Димоска и бизнис – Менка Китаноска, заедно со вредните ученици, помогнале љубовта да не биде до толку слепа. Настанот да прерасне во придонесе професорката Спасија Нешкоска-Цуцулеска. Професорката по англиски јазик, Мери Најдоска, објаснува дека проектите обично се случуваат на поголемите и позначајни католички празници, Халуин, Божик, Велигден. А каде поголем празник за средношколците од празникот на љубовта Свети Валентин? Не испуштаат можност да испечатат картички со ангелчиња кои весело леткаат и да ги раздадат на симпатиите, очекувајќи позитивен одговор на прашањето “Биди мојот Валентин”?, го украсуваат целото училиште со срциња и со целата тематика на празникот на вљубените, штандовите за продажба на рачно изработени предмети “вријат”, па мора да работат и во сабота и недела, печат домашни колачиња по урнекот на скаут девојките од Америка, приготвуваат пунчови (безалкохолни, се разбира) по англиски рецепт, прават познати германски вафли и сé друго во духот на празникот. Со мал дел од средствата кои ги одделиле за новото катче, кое оваа година го добиле учениците од секциите набавиле ТВ и ДВД, а сите останати средства ќе ги наменат за хуманитарни цели. Покрај скромните парични донации за помош на лица кои имаат потреба од итни операции, обновување на опожарени домови и слични трагедии, можат да се пофалат со ланската предновогодишна средба со дечињата, кои празниците ги поминувале во болницата и чија насмевка на лицето, прегратки и бакнежи, учениците ги измамиле подарувајки им новогодишни пакетчиња. И родителите на учениците помагале со подготовка на колачиња, шиеле пердиња и биле логистичка поддршка. За во иднина економистите планираат да го зголемат обемот на добротворната работа, соработувајќи со Црвениот крст. Со акциите, низ игра и забава, се разбудува хуманиот дух во секое дете и секој од прва рака ја чувствува радоста од подарувањето на една насмевка на нечие лице.

Loading