Дајте му на народов спорт!

Прилепчани бараат, но натпревари сî помалку

Секое време со свои одлики. Новиот век го преврти наопаку и спортот. Дочекавме да се прашува има ли закажан некој меч да ја заситат барем малку гладта за каков бил спортски настан. Есеноска 11 Октомври беше казнет долго време, прволигашки фудбал немаше, а ракомет? Вториот омилен спорт не постои, односно машкиот клуб е згаснат. Женскиот Жито Прилеп игра во несредена Регионална, каде мечевите се закажуваат од денеска за утре. Кој разбра ќе дојде, а такви се малку, а мнозинството се чуди како ја пропуштило и таа ретка можност. Има ли за викендов нешто? Фудбал, ракомет? Барем мал фудбал, турнир. Ништо? Што има? – критикуваат сограѓаните. Ако нема фудбал или ракомет, како да нема ништо. Повозрасните се сеќаваат дека во сабота се следеше машки или женски ракометен меч, најчесто наизменично, а во недела за Победа или 11 Октомври. Градот ги сака и “помалите” спортови, но фудбалот и ракометот полнеа трибини. Имало над три илјади в сала, над 10 илјади на стадион. Дајте му на народов тоа што сака. Дајте му спорт! – порачуваат прилепчаните. Песимистите се плашат од продлабочување на кризата, а оптимистите веруваат во прволигашки опстанок на 11 Октомври, трофеј за Жито Прилеп и обнова на машкиот РК Прилеп во 2012 година.

Loading