АРХАИЗАМ ЛИ Е ЗБОРОТ ЕРГЕН

Едно необично и кратко зборче употребуваа некогаш старите. Сега е веќе заборавено. Прелистувајќи ги приказните на Марко Цепенков, го сретнавме и се потсетивме. Тоа зборче е “ЕР”. Си спомнуваме за еден разговор меѓу двајца мажи. Многу, многу одамна. Едниот се жали дека не можел да најде работа. Вели: “Да најдам работа ЕР каква да е и ЕР каде да е, ќе ја прифатам”. Значи, би работел човекот работа каква и да е и каде и да е. Такво значење имаше тоа зборче. Во една приказна од Марко Цепенков една реченица гласи: “ЕР кај да сум, ќе ти го донесам сина ти”. Сме читале реченици: “ЕР кај да е и ЕР кога да е”. Ете, ова кратко зборче (прилог) може да означува – кога и да е, каде и да е, колку и да е, кој и да е и така натаму. Во Речникот на македонскиот јазик (тритомниот) одбележано е ова зборче. Објаснето е дека ги има токму овие значења што ги набројавме погоре. Објаснува уште и тоа дека се употребува разговорно во некои состави. Во новиот Толковен речник на македонскиот јазик ова зборче не е одбележано. Чудно е зошто го прескокнале авторите на речникот. А штета е што е така. Штета е, зашто употребата на овој необичен прилог би давала посебен, необичен колорит и сочност на определени изрази. Ете, го заборавиле. Убаво е да се врати во нашиот речник. Не сме го сретнеме во други јазици блиски до македонскиот како што се српскиот и бугарскиот. Не можеме да тврдиме, но претпоставуваме дека беше само наш, македонски збор, а го избркавме. Да се надеваме дека ќе се врати! ЕР кога да е!

Пребарувајќи така во Речниците, бидејќи баравме на буквата Е, случајно го сретнавме зборот (именка) ЕРГЕН.

Да кажеме нешто за двата речника. Во стариот, тритомниот (редактор: Блаже Конески) толкувањата се предадени на српски јазик. Беше од некои кругови критикуван поради тоа. Според нас, тоа е квалитет. Ќе можат да го користат и Србите.

Во новиот Толковен речник на македонскиот јазик (главен редактор: Кирил Конески) и како што е напишано – Раководител на проектот е Д-р. Снежана Велковска. Толкувањата се предадени на македонски јазик. Убаво е тоа, но сме сретнале доста грешки. Грешка е и тоа што не е внесен прилогот ЕР, но ајде тоа да го прескокнеме. Ама, човек навистина да се стаписа, од податокот што до зборот ЕРГЕН стои објаснување дека е тоа архаизам. Штом некој збор е архаичен, тоа значи дека не треба да се користи во литературниот јазик, освен во некои посебни и специфични случаи.

Чудно е што на тој збор му фрлиле таква анатема. Во стариот Речник тоа не е така. И сосема нормално е што не е. Зошто ЕРГЕН да биде архаизам?! Имаме – ЕРГЕНЛАК, ЕРГЕНУВАЊЕ, ЕРГЕНСТВО, СТАР ЕРГЕН! Зар сето тоа е архаично?! Ако е ЕРГЕН архаизам, зошто тоа да не биде и МОМА?

Големо е разочарувањето што именката ЕРГЕН е одбележана како архаизам, а уште поголемо е што е одбележана именката ДЕЧКО како литературна норма. Во тритомниот Речник зборот ДЕЧКО воопшто не е одбележан. И не треба. Тоа е српски збор. Имаме ние соодветни зборови. И ерген и ергенче и момче и младич. Па, дури и одамна заборавениот збор (турско потекло) МАНУК. Се употребуваше тој некогаш во смисла на ЉУБОВНИК.

Што е тоа, која е причината што му се отворила вратата на зборот ДЕЧКО?! Тој е влезен преку скопскиот жаргон. Го слушаме и на телевизиите. А во внатрешноста, како обично, се прифаќа се што доаѓа од Скопје.

Бидејќи кај нас никој не води сметка за јазикот, од Србија тече река со зборови кои не ни се потребни. Кои ги имаме. Но таму, во Скопје, рампите секогаш се кренати. Течат туѓи зборови и на легални и на диви гранични премини. А потоа, скопските телевизии ги дистрибуираат во цела држава.

Благоја Ивчески

Loading