Сибир во Прилеп

Година ќе се памети и по студовите кои нé зафатија последниве неколку недели. Не дека немало постудени зими, ама некако студов нé начека “раскалашени”. Навикнати на шеткање, опуштено возење и пиење кафе в чаршија, сега граѓанати се во “клинч”. Се излегува само ако се мора, а се вози со 10 на саат, полека на раскашавениот снег, а секоја угорница за возачите е “мини- Сталинград”. Зјаат празните маси на кафулињата, речиси празни се паркинзите и секој гледа само да стаса од точка А до точка Б. Нема време за “чамче -муабет” или подолго “здраво – живо” со познаниците. Познаници, ама непознаници, оти сите се “маскирани” со капи, шалови, јакни и зимски обувки. Сите се крстиме во “златните” “лади ниви”, оти ако дојди до некој апансас, на повисоките места само со нив е спасот. Не помагаат многу ниту АБС – системот за кочење, или системите за пролизгување. Додуша поновите европски автомобили сега акцент ставаат на луксузот внатре, а русите одамна се познати по џиповите “УАЗ” и “НИВ”. Кај нив важи системот – ако не е расипано, не го поправај. И еве, за установите кои набавиле такви возила, “нема зима”. Спортските – кабрио коли ќе го чекаат летото, оти се завеани во длабок снег. Позитивно е што сé штеди на гориво, ама се набавуваат дрва за огрев, башка од планираните десетина кубици. Греењето на струја е “изгор”, а и за дрва треба асолно да се отвори ќесето. Напорни беа првите неколку дена од сибирскиот бран. После како да “си легнавме на брашното”, и “шибаме” небаре поларна експедиција. Оддишка даваат вестите од Светот. Ако е за утеха, имало бетер во Чешка, Полска, а и во африканските земји каде првпат тамошните жители гледаат снегулки. Слушаме прогнози за продолжување на ладниот “тренд”, па работава ќе дојде “не умри магаре до зелена трева”. Ама Прилеп не џабе е град – херој, и град на непокорот. Сме избркале Турци, Бугари и Срби, па ќе ја избркаме и зимава. Догодина ќе имаме нова, а сега се туфкаме што се случи со тоа “на сите труби” најавувано “глобално затоплување”. За идната зима ќе знаеме што може да не чека па ќе ја дочекаме на “пусија”. А веќе се знае дека кога ќе дојде лето, пак ќе кукаме. оти е жешко. Ама животот е тркало, па да се сетиме на песната од “Рибља Чорба” – “Ќе биде подобро”… Ајде да се стрпиме, еве кај е пролетта, па кај ќе ни биде крајот…

 

Градот на штрек за претстојното невреме 

Локланите власти ги организираа сите витални служби за превенција пред најавата на синоптичарите за нови врнежи од снег и студ за викендов. Градоначалникот Марјан Ристески побара од фирмата Пела транс, што го одржува градот во зима, да ги засили екипите и воградот и во дел од населените места. Тој ги алармира сите јавни служби, почнувајќи од комуналните, здравствените, дури до вработените во кујната на старскиот дом да бидат на штрек, ако има потреба за лекарски интервенции, лекови или храна да дадат придонес за ублажување од последиците од елемемнарната непогода која ја најавуваат синиптичарите за викендов и идната недела. На помош се одзваа и концесионерите на мермер, гранит и други неметали. Во подготовката за успешно справување со претстојниот снежен бран се вклучија концесионерите со градежните машини. Дел од фирмите кои имаат рудници на неметали во Мариово ќе обезбедат патна врска за селата Вепрчани, Манастир, Полчиште, Бешиште, Крушевица и Чаниште, а Македонија пат ќе го одржува главниот пат до селото Витолиште. Мемерскиот комбинат ќе се грижи за патиштата од рудникот Сивец до Дервен и до Прилеп, вклучувајќи ги селата Оревоец, Присад и Крстец. Концесионерот кај селото Беловодица ќе го одржува патот до селото и покажа подготвеност да го исчисти патот кон селата Дрен, Тројаци, Радобил и Смолани. Патиштата за полските села веќе ги чисти Пела транс – рече Ристески. И службите на локалната самоуправа ќе дежураат 24 часа да им бидат координатори и логистика на фирмите во расчистување на патиштата и да им помогнат со нафта на концесионерите кои ќе работат со машините. Ристески им порача на граќаните да се воздржат од викенд и излегувања и, ако немаат потреба, да не излегуваат со автомобили за да им остават простор на машините полесно да го чистат градот.

Храна за овците во Гуѓаково со хелихоптер

Градоначалникот соопшти дека на сточарот Стојан Митрески кај селото Гуѓаково во Мариово, со 500 грла овци и 280 грла говеда, му се испорачани со хелихоптер на армијата еден и пол тон сточна храна.

Loading