ГОТВЕНИ ЈАДЕЊА ПО БАБИН РЕЦЕПТ

Во Деспина

Ги подготвуваат сите стари прилепски јадења – ширден, тава, чомлек, домашни колбаси, гулаш, сарми дури од црвени пиперки, дроб сарма, кукуруз и др.

Онака зготвени за душа или како што милуваат да речат прилепчани, како за дома, се јадењата и салатите во ресторанот Деспина. Сместена во срцето на старата чаршија меѓу околните угостители, Деспина предничи по квалитет, беспрекорна услуга и пријатна атмосфера. Сите готвени јадења се по бабин, односно мајкин, свекрвин или татков рецепт, затоа што се готви со душа и максимална посветеност кон кулинарството. А како и да не биде кога сопственичката на бизнисот, технологот Дивна Стојческа влече корен од еснафска фамилија, од познатиот месар Борка. Мајсторилакот го натемелила врз искуството и од другата брачна страна, од сверкрвата Надежда, од свекорот Слободан – родителите на сопругот Гоце, кои се касапи со традиција.

Технолог и учителка

Со срце и душа во бизнсист е и золвата Каролина Јандрееска, која била невработен наставник. Дивна Стојческа скромно говори. Затоа пак приготвената храна, многуте салати, готвени јадења, скарата го тераат човека прстите да ги излиже. Едноставно гостинот не може да оддолее на вкусните солени сторени пиперки со изварка или пак уште повеќе со павлака, на мешаната туршија од домашна продукција без никакви конзерванси, туку подготвена по стар рецепт. А да не зборуваме за прилепскиот ширден, тавата, чомлекот, домашните колбаси… Готват и гулаш, сарми дури од црвени пиперки, дроб сарма, кукуруз и др. Мајторилакот е во подготвувката на сите стари прилепски јадења. Нужно е и знаење и за скара и риба. Мераклиите може да најдат и пача, ем проѕирна и бистра, бела како снег, ем накитена со парчиња удина. А токму месото е тоа кое ги прави јадењата во Деспина уникатни и мошне вкусни, какви што нема кај другите угостители. Гурманските специјалитети ги подготвуваат исклучиво од свежо месо, а не од замрзнато. Велат, месото мора да биде убаво и свежо, затоа што не сакаат да се лажат прво себеси, затоа што од нивната кујна јадат и децата и другите членови на фамилијата, а уште помалку сакаат да ги изиграат муштериите. Затоа, секој штом еднаш пробал, повторно се враќа. Кујната и ресторанот се адаптирани по сите стандарди.

Стари кулинарски тајни на трпеза

Ресторан Деспина, постои од 1998 г., во рамките на фирмата Ха – Ма. Се определиле за старо македонско име за традиционален ресторан. Првично идејата им била да го разработат објектот во нивна соственост. Започнале сопствен бизнис невработен технолог со золвата Каролина, невработена наставничка. Тајните во кулинарството ги совладавме со помош на свекрва ми Наде, која беше единствената жена касап во поранешна Југославија. Секој почеток е тежок. Предизвик беше да се носиш со конкуренцијата, која ја наметнуваа угостителите околу нас со традиција. Сега цените на услугите не се многу сменети, но набавните се зголемени. Успеваме да нудиме и понатаму квалитет – вели Дивна Стојческа. Имаат вкусни чорби, служат и кафе, а пак топлата атмосфера и професионалната услуга од персоналот само го тера гостинот пак да се врати во Деспина. Го чувствуваат плиткиот џеб на граѓаните, но веруват дека ќе мине и постојано се прилагодуваат кон потребите на муштериите. Така подготвуваат и топли оброци, чорби, па различни салати и готвени јадења за фирми и јадења по порачка. Месото кое е квалитетно и свежо мора да се плати, и кога ќе заврши денот се прави есапот. Иако цената на смрзнатото е 240 денари, се определуваме за свежото, чија цена е 350 денари, затоа што месото го прави квалитетот на јадењето – објаснува Стојческа. Во ресторанот Деспина бројни се гостите и од другите градови, особено во пазарните денови. А имаат многу муштерии и од Скопје. Не само што доаѓаат, туку и им испорачуваат ширдени. А госитите најчесто коментираат дека немаат пробано такви ширдени. Гостите во Деспина доаѓаат со намера, затоа што квалитетот ги привлекува, а хигиената е беспрекорна.

Loading