Европската банка за обнова и развој ја продолжува соработката со прилепската прехранбена индустрија
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобри заем од 2,5 милиони евра за Витаминка. Заемот ќе се искористи опрема за производство и пакување, како и за имплементација на мерки за енергетска ефикасност во Витаминка. Ова го соопштија претставници на канцеларијата на ЕБОР во Скопје. Проектот ќе í овозможи на Витаминка да ги оптимизира оперативните трошоци, да ја подобри конкурентноста, како и да го зголеми производниот капацитет на некои од своите водечки групи на производи, најавуваат од ЕБОР и истакнуваат дека со тој заем продолжува нивната поддршка за развој на приватниот сектор во Западен Балкан. Ни претставува задоволство да ја продолжиме соработката со Витаминка и да ја поддржиме развојната стратегија и натамошниот раст на компанијата. Новиот заем ќе и помогне на Витаминка да го зголеми обемот на производство на напитоците во прав и крцкавите производи, со цел да ја задоволи растечката побарувачка за овие производи, како и да ја подобри сопствената енергетска ефикасност – оцени Елена Урумовска, претставник на ЕБОР за Македонија. Витаминка е една од најголемите компании од прехранбената индустрија во Македонија, која произведува широк асортиман брендирани прехранбени производи под сопствен бренд, како и за други приватни марки – кондиторски производи, крцкави производи, производи во прав и адитиви, кечап, мајонез и меки кекси. Компанијата извезува над 40 проценти од своите производи, првенствено во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија. Во 2007 година, ЕБОР обезбеди заем од 4 милиони евра на Витаминка, за финансирање на инвестициската програма, која вклучуваше набавка на нова производна линија за меки кекси и опрема за пакување.