Раскошна библиотека кај семејството Котески
Поинакво е чувството да се чита книга в раце, отколку да се откриваат фантазиите на мајсторите на пишаниот збор со поглед во мониторот
“Крцка” семејната библиотека на “стариот волк” – професорот и доктор Божидар Котески. Сега ги користи своите пензионерски денови за радување со неговото внуче, ама меѓу два радосни пискота на внукот наоѓа време да го почувствува мирисот на веќе остарената хартија на книгите. Бидејќи е страстен читател, тој како мозаик, дел по дел, ја склопувал колекцијата стручни книги, магазини и белетристика. Нетипично за луѓето од неговата доба, дури купил и компјутер да биде во тек со новите изданија, кои, за жал, повеќе не излегуваат во пишана форма, туку само електронски. Не се откажува од “оловниот печат”, кој се остава на секоја книга. Поинакво е чувството да се чита книга в раце, отколку да се откриваат фантазиите на мајсторите на пишаниот збор со поглед во мониторот. Божидар тоа добро го знае, па затоа има неколку стотици книги, кои во секој момент му се на располагање. И мора да му се при рака, бидејќи е романтичар во душата и не ретко по неколкупати се навраќа на една иста книга, да се потсети на младоста, да прошета во светот со страниците меѓу кориците, да се сети на времињата кога книгите му биле “алат”, како професор и преку нив ги образувал новите акушерки за благородниот “занает”.
Книга од 19 век
Семејната библиотека брои околу 500 книги. Не им го знае Котески точниот број. Има и книги од пред Втората светска војна, а најстарата книга му е од 19 век. Донирал преку 100 книги и списанија од областа на медицината на скопската библиотека “Свети Климент Охридски”. Планира уште поголема донација за прилепската библиотека, бидејќи на книгите таму им е вистинското место. Претходно треба да ја ревидира домашната библиотека и да ги провери “дупликатите”. Гарантира дека 7 – 8 енциклопедии ќе се наредат на рафтовите на библиотеката за да бидат достапни за сите граѓани. Кога бил началник на гинеколошкото одделение создал библиотека со 1260 наслови на уникатен начин. Сите автори и дарители на книги на болничката библиотека пишувале посвети. На таа пракса навикнале и родиликите, така што и тие подарувале книги со посвета. Жали што по пензионирањето библиотеката не била доволно негувана и надградувана, иако ја оставил со 10 непроценливи книги од 19 век од дедо Ицко, првиот прилепски аптекар кој студирал во Лиеж, Белгија. Домашното богатство публикации е дополнето и со магазините “Старт” и “Југословенска гинекологија”, од првиот до последниот број, Зборниците од српското лекарско друштво од 56-та до 90-та година, учебници и многу, многу белетристика.
Долг кон општеството
Неговата пасија за учење била “лајт мотив” за создавање на своја семејна библиотека. “Камен – темелник” на импозантната збирка на литература била книгата “Столична Хирургија”, купена од Загреб додека служел воен рок во 1963 година. Често í се навраќа, оти на некој начин го изградила како личност. Во книгата се опишуваат историските случаи во хирургијата и маките кои пациентите ги трпеле пред модерната медицина. Затоа решил да помогне во модернизацијата на македонското здравство и да го намали морталитетот кај децата. Големата желба за учење не запира кај 79 годишниот прилепчанец. Уште смета дека има долг кон општеството кое од него создало граѓанин за почит од целата заедница. Иако е во пензија, неуморно ги собира трудовите од гинекологијата и акушерството, бидејќи посакува да не избледнеат сеќавањата од случките, во кои тој ја имал една од главните ролји. Роден прилчанец е. Во родниот град се образувал до завршувањето на гимназијата. Воден од хуманата идеја да помогне во очајната состојба на македонското здравство, посебно гинекологијата, продолжил на медицинскиот факултет во Белград, каде дипломирал во 1960 година, а специјализирал во истата институција за гинекологијата и акушерството. Во Битола се “запознал” со книгата “Пропагандите кај битолските медицински работници од 1750 до 1950”. Го поврзале двата интереса – историјата и медицината,оти се опишани двовековните влијанија кои ги трпеле на докторите во “конзулскиот град” од грчките, бугарските и влашките интереси. Таа ја цени како “дијамант” во колекцијата. Најмногу се гордее со книгата “Објавени стручни трудови”, чиј автор е, а се колекција на трудовите кои ги објавувал низ Југославија и во странство. Статистички е објаснето и табеларно претставена состојбата на македонското здравство од 75-та до 95-та година. Најголемо место во срцето зафаќа трудот кој помогнал да се упрости процесот на прекин на несакана бременост, кога како делегат во републичкото собрание им “одржал лекција” на останатите делегати и помогнал во некоја мера да се либерализира абортусот. Друг негов труд е “Рогам” вакцината. Потоа збирката трудови “Научен собир за развојот на здравството во Прилеп, Битола и Македонски Брод”. Пензионираниот специјалист, запаленик по книгите, не крие дека уште му лежи и аматерската фотографија.