Ракомет: Влатко Илиески, единствен прилепчанец на Европско
Повредата на носот на Јоноски, санирана за два дена и тој настапи на наредниот меч
Високото петто место на Европското машко ракометно првенство е заслуга на ракометарите и тренерите, а огромен придонес има медицинскиот тим на клиниката Систина Аџибадем, во чиј состав е Влатко Илиески, млад прилепчанец, донеодамна физиотерапевт на РК Жито Прилеп. Видовме фанатична борба, повреди од секаков вид и многу работа за лекарите. Постојано бевме активни со масажи и терапии. Најтешко беше кога од една страна навивавме, а од друга втрчувавме в терен за секоја потреба. Успех е што млад ме вклучија во репрезентација со големи спортисти – вели Илиески. Ракометарите се бореа за бодови, а лекарите во трка со времето да залечат рани. Пивотот Ванчо Димовски отиде повреден и кога малкумина веруваа, се најде на паркетот, даваше голови и придонесе како да е сосема здрав. Полјаците тешко го повредија бранителот Ацо Јоноски. И тој беше излечен за рекордно кусо време. Најтешко беше со скршениот нос на Јоноски. Повредата ја саниравме за два дена и успешно настапи на наредниот меч со Србија – истакнува Илиески. Македонија првпат се возвиши високо во Европа, а за тоа придонесе организацијата во тимот и карактерот кој го изградија ракометарите. Велат дека, за разлика од претходните, оваа генерација се издигна повисоко ментално и физички. Беа големи и во поразите, во повредите. Сî се одвиваше брзо, како да немаше време за офкање. Немаше време за самосожалување, туку само за бодрење и меѓусебна поддршка. Тешкотиите бргу се пребродуваа. Имаше самодоверба, знаевме дека можеме – подвлекува Илиески. Со задоволство е подготвен за служба на репрезентацијата најмалку до Олимпијадата и Светското првенство. Вреди да се жртвува слободното време, семејството, за врвен спортски успех, награден со медал од претседателот Ѓорѓи Иванов.