“Растргнатиот” детски амбасадор Трајче

Како вистински амбасадор од некоја земја, за да се дојде во контакт со Трајче Камчески потребно е “закажување” состанок и “чекање” неколку дена. Меѓутоа, тоа е сосема разбирливо, оти треба да балансира меѓу учењето, “амбасадорскатата” работа и неговото слободно време. Трајче, со 15 години, е “запчаник” во машинеријата на “Детската амбасада за сите деца во светот”, која се грижи и ги заштитува правата на децата, според конвенциите на ООН. Почесен амбасадор беше првиот претседател на Македонија, покојниот Киро Глигоров. Камчески е иницијатор на голем број збиднувања, во кои ги вклучува децата од најранливите категории. Тоа се децата на загинатите бранители, децата без родители и децата со посебни потреби. Под “негова капа” е веќе традиционалниот божикен ручек за промоција на најхуманите вредности. Изминативе шест години се одѕиваат многу гости, од свештенството, градоначалниците од околните општини и бизнисмени кои го спонзорираат настанот. Веќе во пракса е влезено и делувањето на Трајче како значаен дел од подготовките на организацијата на зимувањето во Банско, Бугарија. Одржува редовни контакти со бизнис заедницата и локалната самоуправа. Ги истакнува добрите односи со градоначалникот Марјан Ристески, за кого вели дека секогаш му стои на располагање за било каква помош. Со повеќестрана поддршка веќе се изготвува и “Зборник за традицијата на Божикниот ручек”. Амбициозното дете амбасадор планира посета на хрватскиот град Ријека за остварување на “мостови на дружење”, кои би се продлабочиле преку социјалните мрежи на интернет. Има на ум да ги покани колегите од Ријека на возвратна посета да ја споделат културата, традицијата и обичаите на двата градови. Разговарал со градоначалникот на Ријека и со тамошните стопанственици да се “стокми” логистиката за посетата. Во набиениот распоред, место зазема и организацијата на летни кампови, кои досега се одржувале во Охрид, а не е исклучено да се одвиваат и во странство. И во летните кампови најбројни ќе бидат децата кои се на маргините на општестовото. Најголема одговорност на Камчески е да пружи помош на децата кои се жртви на семејно насилство, деца од разведени родители и да ја спречи злоупотребата на децата за политички цели. Трајче речиси нема слободно време. Постојано е “растрчан” на релација Амбасада – Гимназија, затоа што мора да биде во тек со настаните. Наоѓа начин да ја поврзе работата со задоволството со тоа што низ кафе – муабет со соработниците каде спонтано им доаѓаат brain storming сесии и се оформуваат идеи, кои подоцна тој се обидува да ги преточи во реалност.

Loading