Тони Наумоски, младински тренер
На снежниот терен од Спортскиот центар секојдневно со 130 млади фудбалери работи поранешниот репрезентативец Тони Наумоски, со асистентите Божо Милошески, Владо Димоски и Трајче Чолаков. Тајните ги пренесуваат на талентите, кои не кријат амбиции што поскоро да заиграат во првиот тим на прволигашот 11 Октомври, клуб кој ја финансира школата. Во средата тројца беа повикани кај сениорите, Јорданчо Наумоски, Марјан Радески и Дарко Илиоски. Вистински изграден млад играч уште на 16-17 години треба да е подготвен за првиот тим. Тројца сега префрливме, други ќе стасаат налето или наредната зима. Шансата е тука за сите и треба со труд да се користи – смета Наумоски. Тренинзите се за пролетните натпревари во првенствата, во пионерска, кадетска и младинска конкуренција. Лани беа освоени две трети места, претходно имаше и трофеи во фајнлфорот и купот. Нема оптовареност со резултатите или пласманите. Составите се изменети и треба време за воигрување. Резултатите сами доаѓаат со прогресот во играта. Има талентирани млади. Генерацијата 98/99 е најдобра. Со правилна работа, нема грижа за фудбалската иднина – истакнува Тони Наумоски.