Душко Темелкоски, музичар

Душко Темелкоски, иако по професија е археолог и од 1996 година работи во Заводот и Музеј, сепак од најмала возраст се дружи со музиката, за која вели дека му е прва љубов. Завршил музичко училиште, но не станал музичар. Родителите мислеле дека музиката е хоби. Смета дека археологијата и музиката имаат допирни точки. Сосема ме исполнува уживањето во “моите два света – музиката и археологијата. Неколку генерации, сме среќни што растевме во осумедесеттите со вонвременските југословенски поп и рок хитови, кои забележувам дека и денес бендовите ги свират по кафетериите. И тоа по барање на младите кои тогаш не биле ниту родени. Од друга страна, мојот интерес и развој како музичар е поврзан и со дружењето со музичари кои денес се мошне почитувани, како Борче Шабаноски, уметничкиот раководител на “Ѕвездички” Христијан Габроски, уметничкиот директор на “Макфест” и Дејан Кузманоски, координатор на музички програми на хотелски комплекси во хрватскиот град Шибеник – вели Темелкоски. Првиот настап го имал на реномираниот скопски “Рок фест” со групата “Нова гарда” во 1985 година, заедно со Христијан и Борче. Групата подоцна го смени името во Гарда. Свиревме рок со вонредни текстови на лидерот Христијан. Групата, освен што доби награда за најдобар гитарист на ,,Рок фест,, во едно од неговите идни изданија, не стана популарна каква што заслужуваше. Од инает, Христијан и Борче, заедно со Валентино Лауцоски станаа Ристо Бомбата и Кучешка тенија. Познато е тоа што го направија со нивната пародија од музика. Се дружев, како клавијатурист, само на нивната турнеја низ Македонија и на живи свирки, затоа што заминав на студии во Белград. Во периодот на експанзија на рап музиката, иако надвор од државата, се појавив како изведувач на рап стихови под името Доктор Дуле. Локален хит беше песната “Дар – мар – јас сум Цар”. Заедно со еден мој пријател, по урнек на Доктор Џекил и Мистер Хајд, се појавивме како дуо Доктор Дуле и Мистер Тони и го направивме хитот “Пријателе”, кој беше три недели на прво место на тогаш најслушаното македонско радио Канал 2. По враќањето од студии со Борче Шабаноски ја формиравме Бен Хур, од која останаа хитовите “Секс пиво рокенрол”, “Весела песна”, “Жива досада”,… Бев текстописец, а Борче беше композиторот. Дебитантски албум на МТВ беше номиниран за албум на годината и продуцент. Можеби сум единствен на светот и пошироко кој се откажал од лидерство во бенд како пејач, откако го запознав Игор Јагуриноски, кој ја испеа за мене најубавата песна на Бен Хур, “Се ми е сеедно”. Во таа формација, како тројка, Бен Хур настапи двапати на фестивалот “Охридски фест” – се потсетува Душко. Пред 4 години започна “нова песна” со младите, Даниел Павлоски и Дарко Ристески, а сега и Антонио Гешоски во групата Трета димензија. Задоволен сум од настапот на “Охрид фест” и по двата Избора за песна за Евровизија. Музицирањето со младите ме исполнува и ме подмладува, затоа што свирењето во живо по кафетерии е едно од најубавите чувства – раскажува музичарот. За музиката вели дека ја има насекаде. Секој човек слуша некој вид на музика. Да свириш е големо задоволство, без оглед дали е тоа забавна, народна, класична. А да компонираш и песни да допрат нечии емоции, да го “погодат” некого во срцето, да бидат примени од слушателите е неописливо задоволство. Заедно со Борче Шабаноски сум автор и на песни кои ги имаат изведено реномирани имиња од македонската поп сцена, Ѓоко Танески, Оливера Ѓоргоска, група Багаж и Пеце Огненоски. Горд сум и на химната на фудбалскиот клуб Победа. Најмногу ме исполни една случка поврзана со песната за нашиот град која на текст на Сашо Зафироски и моја музика, ја исполни доаенот на македонската народна песна Гога Зафироски. На еден настап на плоштад, прилепските пензионери ја исполнуваа песната. Кога завршија, му пријдов на еден од членовите на пеачкото друштво и го прашав чија е таа песна. Одговорот беше дека е тоа стара народна песна која тие – пензионерите, ја сакаат многу, затоа што ги потсетува на младите години – потенцира Темелкоски, кој неодамна напиша компизиции за претставата за деца “Јунаците од бајките”, а стихови му посвети и на Тоше. Пријатно е чувството да си автор на многу текстови за хитовите од детскиот фестивал “Ѕвездички”, како и авторски музички илустрации и сонгови за театараски претстави за деца. Такви се сонговите за “Мачорот Марко” легендарен сонг, а тука се за “Снежана и седумте џуџиња”, “Пепелашка”, “Свињарот и принцезата”, “Волшебникот од Оз”, “Петар Пан”, “Оливер Твист” и за многу други детски јунаци. Уживам кога ќе слушнам деца од градинските кои ги изведуваат песните за новогодишните приредби – со радост вели Темелкоски.
,, Ден за тебе,, со повод
– Композицијата “Ден за тебе”, посветена на Тоше Проески ја напишав за неполн час. Можеби има нешто. Текстот “легна” врз мелодија од песна на Битлси. Тоше се појави на сцена првпат на “Мел фест”, исполнувајќи ја “Ѕестердаѕ”. Се запознав на хуманитарен концерт во Ресен, пред да го испее хитот “Усни на усни”. На пат до Ресен и назад, Тоше не престана со пеење. Во Прилеп ние како Бен Хур, имавме настап за извлекување на некои награди, па го поканивме и него да дојде. Лесно се договоривме со екипата на тогашната Телевизија Прилеп и тој да настапи. Се сретнавме по неколку месеци, на снимање на новогодишна емисија, кога веќе беше популарен. Ми рече, “Дуле, влегов во естрадни кругови во Скопје. За сé што ви треба, јавете се. Можеби ќе помогнам”. Иако немаше потреба од негова помош, гестот не се заборава. Се сретнавме уште двапати на негови настапи, а последен пат кога одеше за Крушево. В чаршија, нé покани со сопруга ми да го посетиме и да попееме… – раскажува Душко Темелкоски.
![]()

