Метларот замина со сурат

Не дочека да го одигра танцот на “мечкарите”, заедно со прилепската група на карневалот во бугарскиот град Перник, маскарот Бранко Најдоски – Метларот. Силен срцев удар го погоди после интервјуто за националната телевизија на улицата пред дефилето на прилепската традиционална групна маска “Мечкари”. Како што живееше, во друг свет, со друго лице, со сурат, во крзна и со рогови, замина уметникот на создавањето на маски и одржувачот на адетот за преправање на Прочка. Бркан од полицијата во социјализмот, заради преправањето, со години го негуваше обичајот да подготви автентична маска од природни материјали и да го продолжи заветот од татко му и дедо му за маскирање. На добитникот на многу награди на карневалите, не му помогнале ниту лекарите од болницата во Софија, кои се бореле за неговиот живот седум часа. Замина маестрото за маски, оставајќи ги суратите и метлите на потомците. Најдоски не беше обичен подготвувач на маски, туку вајар на оригинални архаични креации. Го прослави и градот со ревијата низ Србија, Црна Гора и Бугарија, со нова “маскена визија на минатото”. Ги возбудуваше и маскарите, освојувајќи ги симпатиите и на набљудувачите.

Loading