Учебник по македонски јазик за петто одделение. Ретко практикуваме да споменуваме имиња, но овојпат ќе ги набележиме сите учесници во формирањето на учебникот.
Автори: Љубица Севдинска и Весна Настоска
Рецензенти: Проф. д-р Благица Петровска (претседател), Митра Цилевска – професор по македонски јазик, Билјана Герас – професор по македонски јазик.
Лектор: Љубица Севдинска
Илустрации: Симон Калајџиев и Марко Манев.
Им дал наставникот на децата задача да напишат домашна работа. Да одговорат на одредени прашања кои се поставени во учебникот. Случајно ги видовме прашањата. Првото од нив гласи – “Што значи зборот ТУЖИБАБА”? А што значи? Значи ли нешто? Не! Него го нема во нашиот јазик и не е одбележан во ниеден речник. Ако постои некоја сила која сака да го внесе овој збор во македонскиот јазик, тој, единствено, би можел да означува човек што си ја тужи баба си. А именката ТУЖИБАБА би се наредила во редот на сложените именки настанати со непосредно срастување – ТЕПАЈМАЈКА, (човек што си ја тепа мајка си), ПАЛИСЛАМА, ПЕЧИЈАРЕ, па така и ТУЖИБАБА. Некои од овие именки имаат и фамилно име (или прекар). Тепајмајковци, Печијаревци, но тоа е друга тема. Во оваа група на зборови, а и во никоја друга, го нема зборот ТУЖИБАБА. А она значење што го има во српскиот јазик, кај нас може да биде – ПОТКАЖУВАЧ, КОДОШ, КЛЕВЕТНИК, ПОПЛАКУВАЧ, па дури и ШПИОН. Во Прилеп го има зборот НАКАЖУВАЧ, со многу соодветно значење. Се вели – “Ќе те НАКАЖАМ на татко ти”, “Ќе те НАКАЖАМ на учителот” и така натаму. Па, тој што накажува е НАКАЖУВАЧ. Но, не сме уверени дали ваквиот израз се користи и во некои други делови од нашава земја.
Накусо, зборот ТУЖИБАБА не е наш, не ни треба, ниту пак може да го има она значење што го има во српскиот јазик. Голем грев е што е употребен во учебник за мали деца.
Во учебникот има и други грешки, па дури и во илустрациите. Отпечатен е таму, во учебникот, еден малку необичен расказ во кој се вели дека луѓето ги собрале во вреќа лошите зборови и ги закопале. Но доаѓаат такви ситуации кога на човекот му треба, како изразно средство, некој лош збор, ама такви зборови веќе нема. Луѓето стануваат нервозни. Го пребаруваат местото каде што се закопани вреќите со лоши зборови. Но, таму израснале цвеќиња. Луѓето почнуваат да кинат од цвеќињата, а одвнатре, од подземи се слушаат нивните реакции, реакцијата на секое скинато цвеќе – ИДИОТУ, СТОКО, НЕРАНИМАЈКО ЕДЕН, МАНИЈАКУ. Луѓето, наместо навредени, стануваат радосни што повторно имаат можност да се изнаслушаат лоши зборови и што пак ќе ги имаат во својот речник. За овој необичен настан постои и илустрација на цела страница. Тука се гледаат луѓето кои кинат цвеќиња, а од подземи се слушаат реакциите. Тие се напишани како во стриповите, над главите на човекот. Една од тие реакции гласи – ОДВРАТНА ПРОПАЛИЦО. Е, ова, навистина е одвратно. Како може да се допушти зборот ПРОПАЛИЦА во учебник за деца?! Тоа е чист српски збор. А изгледа, претпоставуваме со голема сигурност, дека и целата илустрација е преземена од некој српски учебник. ПРОПАЛИЦА значи пропаднат човек, копук, лесноумник и којзнае уште како. Но, ПРОПАЛИЦА е збор што го нема во нашиот јазик.
Илустраторите сигурно не претпоставувале дека ќе се најде некој занесеник за јазикот, па ќе ја открите грешката. А можеби и тие самите не знаат дека е тоа грешка. Ајде, да речеме дека тие не се специјалисти за јазикот. Ами, сета онаа плејада на специјалисти што ја набележавме во почетокот?! Токму затоа ги споменавме имињата и титулите на сите. Да се знае низ колку раце поминал учебникот додека дошол во рацете на тие дечиња кои треба да научат дека ТУЖИБАБА и ПРОПАЛИЦА се наши зборови. Господа од целиот список – учебникари, професори, доктори, лектори, илустратори! Во учебникот има и други грешки и лексички и синтаксички. Но, ТУЖИБАБА и ПРОПАЛИЦА се големи грешки, поголеми од вашите титули. А кутрите дечиња се мали, учат што ќе им кажат големите.
Благоја Ивчески