Фудбал: По две години Србинот пак во Прилеп, во 11 Октомври
После Победа, играше за Металург и Раднички
Србинот Миодраг Јовановиќ (25), е ново засилување за фудбалскиот прволигаш, 11 Октомври, но добро е познат на овдешната јавност, бидејќи настапуваше за згаснатата Победа. До зимата 2010 играше десен бек и за врска. Следеше трансфер во Металург и набргу назад во родната земја. После Металург прифатив понуда од нишки Раднички. Оттаму дојдоа контактите со 11 Октомври. Лесно се договоривме, бидејќи Прилеп е во предност како втор роден град. Секаде појди, дома дојди – вели Јовановиќ. Сработени се најтешките кондициски подготовки, изминатите две недели. Следи серија пријателски средби во Охрид, меѓу 1 и 10 февруари. Првата е одиграна во Миравци, со резултат 2-2, со головите на И. Мирчески и Тошески. Во првата постава беше Јовановиќ. Водевме 0-2, ни израмнија. Добро се одигра. Оптимисти сме, напролет сигурно ќе избориме опстанок – порачува Јовановиќ. Стручниот штаб предводен од Трајче Илиоски со новиот помошник, Дарко Крстески и голманскиот тренер Круме Митрикески, располагаат со 25 првотимци: голманите Коруновски, Кебакоски и Игески, во одбраната Обрадовиќ, Иваноски, Ф. Мирчески, Димитриоски, новите Ѓорески и Јовановиќ, средината Крстески, Ацески, Мегленски, Кулески, Дунимаглоски, Г. Здравески, Петрески, Велјановски, нападот со Гешоски, И. Мирчески, Мојсовски, Талески, Тошески, а има и тројца младинци, Наумоски, Радески и Илиоски.
Помош за Победа ј.
Од 11 Октомври надежниот лев бек Филип Спиркоски е отстапен на соседниот второлигаш Победа јуниор. Прволигашот им даде исписници уште на тројца: голманот Христијан Сркески, заминат во Корзо, а во непознат правец Ицко Јанкоски и Благојче Марковски. Документи од трансфер листата не подигнале бранителот Владо Данилов и за врска Благојче Рутевски.