Првоодделенецот од ОУ “Гоце Делчев” Анѓел Милошески, својата дарба кон рецитаторството, ја однесол во Белград на бодрење на нашите ракометари. Тој е добитник на трето место на општинскиот натпревар за рецитатори, ама во ракометната еуфорија што ја зафати Македонија со блескавата ракометна игра на ЕП во Србија, ја заменил наградената “Есенско Овошје” со “Излези момче право на тераса”. Заедно со татко му, добил шанса да го гледа натпреварот Македонија – Полска во белградска Арена. Не спиел ноќта пред мечот, исто како што не спиел и ноќта пред рецитирањето. Се познава радоста и гордоста кај малиот Анѓел, оти уште сега сака да биде следниот Кире Лазаров. По успехот на ракометарите, ќе биде повеќе мотивиран да тренира ракомет. Во Белград заминал опремен со шалови, антички шлемови да биде вистински член на “македонската фаланга”. Одлично поминал на мечот, а уште подобро на разгледувањето на Белград. Го видел Калемегдан со старинското оружје покрај бедемите на старата тврдина и покрај Дунав. Оттаму се вратил со српски кавал, да ги зачува сеќавањата на Србија. Добро му дојде, оти стариот го скршил, а му оди свирката. Посетува часови во музичкото училиште. Ги учи основите на теоријата, ги совладува нотите, тактовите и го “полни петтолинието”. Омилен инструмент му е клавирот, ама засега дува само во кавалчето. Наоѓа време и за англискиот јазик. Следи курсеви во Пен-пел, каде низ игра и забава ги изучува основите на глобалниот јазик. Го сака, оти е интересен и лесен за учење, барем за него – вели наставничката Снежана Дукоска, која го избрала за натпреварот во Градската библиотека. Таа додаде дека доста учи од басните на Езоп, а омилена му е таа за Гавранот и лисицата. На компјутер сака да игра возење мотори и коли. Телевизија гледа само со татко му, оти мајка му и баба му гледаат турски серии за кои Анѓел нема интерес. Го дели интересот на татко му за спорт, каубојски и научно – фантастични филмови. Не е јасно до кога ќе го држи ракометниот “вирус”. Пред првенството сакал да стане хемичар – научник, по стапките на дедо му. Тој постојано му носел нешто за експериментирање да го заинтересира за струката. Ракометар, научник или музичар, од Анѓел зависи.