Историчар со мулти таленти

Сега е прва година гимназија, а до лани бил “богатство” исклучиво на ОУ “Блаже Конески”. Сестран ученик, вреден, скромен и работлив, Стефан Ристески е “подвижна енциклопедија” за историја. Не дека не му одат другите предмети, ама за историја е махер уште од петто одделение. Тогаш на искрата љубов кон предметот, “бензин дотуриле” наставниците Марија Мисева и Дејан Ангелески. Од А до Ш или од предисторија до модерно време, знае сé, а и го продлабочува знаењето секој ден. Безвредно е да се фали некој без факти. Стефан не е таков. Пред фактите молчат и боговите. Вклучен бил во ангажманите на уредување на училиштниот парк. Бил активен член на еко клубот и придонел за добивање на Зеленото Знаме. Учествувал на меѓународниот натпревар “Волво” за Еко содржини во Шведска, бил водител на смотрите, дал придонес и во изборот на најучилиште во 2009 г., најученик во 2011 г., Третоноемвриска награда на училиштето, најспортско училиште за 2010 г. на ниво на држава… Најголем успех постигнал со второто место на Државниот натпревар по историја под менторство на наставникот Дејан Ангелески. Од молчеливиот Стефан тешко се вадат зборови, поради скромноста. Најомилен историски период му е средновековието, а особен интерес има за Византиската империја. Ама и од Втората светска војна ги знае личностите, датумите, битките и воената машинерија. Идол му е маршалот Тито, како историска личност, оти Германците трошеле по неколку дивизии да го уништат, а не успеале. Во слободно време тренира одбојка на позиција либеро. Го гледа Дисковерѕ хисторѕ каналот и чита книги. Слуша поп и рок, а фаворити му се легендарните Металика. За крај го кажа мотото на британските САС командоси – Успехот е триумф на упорноста. Со упорноста и желбата за знаење на факултет сигурно ќе продолжи кон насока која е блиска до историјата.

Loading