Созревање на информатичката лулка

Компјутерската фирма “Ха – Ем” слави 20 години

“Од секогаш знаењето и вештината биле многу одлучувачки, денес најмногу, да се искористат можностите на времето поделени на години успешни и години помалку успешни. Во овие две децении имало и подобри години и подобри можности да се дојде до заслужен успех. Но, да не ја пренебрегниме старата македонска мудрост дека годините се како планините и дека секоја година има своја тежина”. Вака, Хари Локвенец, сопственикот на фирмата “Ха – Ем”, го резимира нејзиното јубилејно 20 годишно постоење, кога по некое непишано правило се слави, но се сумираат и резултати. А, две децении успешен развој за една мала фирма, не е мал временски период. Уште повеќе кога таа мала компанија дисциплинирано ги плаќа сите давачки на својата држава, и, аналогно на тоа, очекува истата таа родена држава на бизнисот да му ја пружи потребната поддршка. Длабоко во меморијата на Хари Локвенец, сопственикот на “Ха-Ем”, вграден е 17 јануари 1992 година, како ден почеток на една нова етапа од неговиот живот, посветен на бизнисот. Прагматичен каков што е, Локвенец тргнува одговорно и незапирливо. Работи и учи. Создава пријателства. Со посебна страст влегува во зделки длабоко осмислени. Никого не потценува. Многу помага и подарува, без фалби. Не се колни, зошто никого никогаш не доведува до работ на срамот или работ на неуспехот… Секој човек има поделена публика, на едни што веруваат и на други што се сомневаат. Така никој не можел да претпостави дека ќе се доживее денешниот нагорен óд и брз подем.

ИМЕТО

Според зборовите на Хари Локвенец, кум на името на фирмата бил татко му Тачко. Фирмата ја крстил според првите слогови на имињата на своите деца, Хари и Емилија. Денес во “Ха-Ем” работат и ја водат  петмина млади стручни кадри. Нивната стручност и ангажман се доследна гаранција пред клиентите за квалитет, услуга и цена.

Компјутерски лавиринт

Во зародиш беше технологијата на компјутерите на нашите простори во почетокот на деведесеттите. Затоа многумина мислеа дека храброст или генијалност, блиска до лудост, беше да се влезе во лавиринтот на непознатото во времето кога компјутерите беа сон и привилегија само за грст луѓе. Хари Локвенец влезе и брзо и храбро и одважно. Можеше да избира, времето тоа го бараше, како млад електроинженер да побара работа во некои тогашни големи и богати фирми. Но, решително се одлучи за приватен бизнис. Со знаењето и силата што ја поседуваше тргна во неизвесноста која релативно брзо ја совлада. Оттаму пионерот во информатичката технологија кај нас со визија каква што ретко ја имаат поединци, денес гордо може да каже дека создал респектабилна фирма. Потврда за тоа е високата репутација, препознатливоста и брендот кој нема само локален карактер, туку веќе претставува мерка и критериум за квалитет и услуга. “Ха – Ем” стана и урнек за предвидување на времето со вербата дека иднината е во цивилизациските придобивки кои доаѓаат со брзи чекори и на нашето тло. Изминативе 20 години се занимававме со увоз, асемблирање, продажба и сервисирање на компјутерска опрема, креирање, проектирање и одржување на компјутерски мрежи и инсталација на компјутерските мрежи на ниво на системски софвтвер – вели Локвенец.

Почеток?

– Уште на студии на Електротехничкиот факултет во Скопје имав потреба да купам компјутер. Таа чудесно непозната, но длабоко провокативна “играчка” кај нас вредеше едно цело богатство. Ја купив од странство, а цената што ја платив беше повод да размислам и да почнам да се занимавам токму со овој бизнис, во почетокот со набавка и продажба на компјутери, а подоцна и со останатите услуги. Никој не можеше да претпостави ваков подем на компјутерската технологија. И од стручен аспект, како електроинженер, дојдов до сознание дека има можности, а и иднина, да се работи на ова поле. И се потврди дека не сум погрешил – објаснува Локвенец.

Суровата реалност и розовата иднина

– Еден од предусловите за претприемачки успех е моќта да се препознаат и искористат можностите, а да се избегнат заканите – вели Хари Локвенец. Во време без многу познавања за бенефитите на компјутерите со скепса добил благослов од родителите. Родителите не му прават никаква пречка, но советуваат последниот потег да биде негов. Ми рекоа – “Сине, и сите компјутери во градов и регионов да ги продадеш, а после што?”. Така беше тоа тогаш. Сите мислеа дека човекот ќе купи само еднаш и само еден компјутер за сите времиња. Кој можеше да сфати дека во едно семејство може да има повеќе од еден компјутер. Сепак нешто во мене се судруваше меѓу суровата реалност и розовата иднина дека ќе дојдат години кога компјутерските генерации ќе напредуваат и луѓето ќе бараат сî понови и помоќни компјутери. Во изминативе 20 години запознав купувачи во Прилеп и надвор од Прилеп кои досега имаат купено повеќе од 10 компјутери за лична употреба. Тоа беше, всушност, причината за толку големиот развој на компјутерската техника, како во семејствата, за лична употреба, така и во фирмите. Во секојдневното функционирање на фирмата помогна развојот на технологијата и пенетрацијата на компјутерите како во градов, така и низ државата, паралелно, создавајќи голема софтверска инфраструктура – објаснува Локвенец.

Магистер, предавач и докторант

Хари Локвенец е 42-годишен семеен човек, татко на Тале (15), Илија (11) и Васил (3), дипломиран електроинженер на универзитетот во Скопје, магистер во САД и докторант на универзитетот во Битола. Предавач на универзитетот Американан колеџ во Скопје. Сам ги мина сите трнливи фази во раководење на бизнисот, почнувајќи од сопствената евиденција, совладување на увозни принципи кои државата ги пропишува, начинот на комуникација со големите клиенти, кои покажале разбирање и помогнале за развојот на компанијата и начинот на комуникација со обичните клиенти. Првите години се период посветен и за промоција на фирма која минува низ сите фази на развој на една мала компанија. Следењето на новата технологија е една, но не и единствена  причина за опстанок на пазарот. Во фирмата тоа доследно го практикувавме, иако развојот го следеа и турбулентни времиња – блокада на една граница, царински бариери и други тешкотии. Но, за успешен бизнис не е нужно само следење на новата технологија. За 20 години се промени начинот на живот, општествените текови и водењето на бизнисот во државата – потенцира Хари Локвенец, и продолжува. Не можете ни да замислите низ какви Сцили и Харибди врви еден бизнис. Проблеми имало и ќе има секогаш. Тие се од различна природа, но тука се, присутни се и треба да ги решаваш. Имаше време на порасната побарувачка за компјутери, а нема од каде да се набават. Имаше и време на нарасната конкуренција. Имаше време на проблеми со “инвазија” од прописи кои државата ги донесуваше за работење во бизнисот. Но имаше и време на намалување на данокот, време на ваучери за студентите… кои предизвикаа развој на бизнисот. Имаше сé, и вие тоа мора успешно да го совладувате за да опстанете – вели сопственикот на “Ха-Ем”, господинот Хари Локвенец. Интересно е размислувањето на овој млад менаџер и сопственик на компјтерската фирма “Ха-Ем” за односот со потрошувачите. Има три нивоа на задоволство на клиентите. Првата фаза е задоволен клиент. Втората, е задоволен клиент – повратник, кој во моментот кога му треба нова компјутерска опрема доаѓа во фирмата и купува пак. И, третото ниво е задоволниот клиент – промотор, кој свесно или несвесно, преку сопственото задоволство ги запознава најблиските со квалитетот на робата и професионалното ниво на услугата на фирмата од каде што ја набавил стоката. Благодарен сум на сите, особено на последните, кои се најголема реклама за која нема цена – оценува Локвенец

Радоста на првиот увоз

– Чуството на радост е лична категорија. Паметам кога најголема радост предизвика реализацијата на првиот увоз и наплата. Тоа беше “триумф за лична употреба”. А сега бизнисот е предизвик, заради толку големата пенетрација на компјутерите како во домаќинствата, така и во компаниите. Интернетот нуди огромни можности за претприемачки активности, кои во иднина би дале ефект за понатамошен развој на компјутерската и информатичката технологија. Бизнисот уште е предизвикувачки, иако го “допревме” Запад, каде компјутерите се купуваат и во самопослуга. Тоа не е закана, туку стадиум каде што сме во можност да не зборуваме само за компјутерска техника, туку да зборуваме за информатичка технологија, која не е само за големите фирми, туку е и за семејствата кои имаат поголеми потреби од компјутерите за интернет и играње игри. Во софтеверот е перспективата. Неговите можности се неограничени. Често пати велам дека компјутерот не функционира без софтвер, како што телевизорот не може без антена. Појавата на многу софтверски апликации помага и го олеснува живеењето. Тоа е огромно поле за развој – вели Хари Локвенец.

Не е џабе системскиот софтвер

Како што нема бесплатен ручек, така нема ни бесплатен софтвер… Голем е процентот на компаниите кои сметаат дека системскиот софтвер е бесплатен и не го ценат како многу важен и значаен труд на некој кој го направил. Оттаму, потребна е помош за канализирање на компјутерските фирми кои можат да í помогнат на државата.

Loading