Сликарка во бел мантил

Иако учи за медицинска сестра, Симона Стојановска во слободното време не ја изучува внатрешноста на човекот, туку ја слика надворешноста. И тоа доста добро. Уште како мала, ги разликувала и формите и големините на објектите. Со помош на мајка í, почнала да црта. Полека, детски, со прсти, со пенкало и со маслени боички, подоцна да прерасне во “поткован” сликар со уникатен “потпис”. Професорката Марта Кузмановиќ ја упатувала во тајните на цртањето, а на Симона најмногу í оди од рака кога моливот ќе “заигра” на хартијата. Ја има усовршено техниката на графичко цртање и амбициозно планира изложба на своите досегашни 20-тина дела. Допрва сака да го научи мајсторилакот за сликање – масло на платно. Тоа е  еден од најтешките стилови, ама и најпривлечен. Со упорноста и талентот, Симона ќе ги “брка” своите идоли: Салвадор Дали, Пабло Пикасо, Моне и легендите на романтизмот. Го сака надреализмот, ама засега црта само реализам. Идеите ги црпи од интернет, каде што има виртуелни музеи, па чувството е скоро исто како да си во Лувр. Најмногу се воодушевува на познатата слика Герника од Пикасо, која е полна со симболика.  Симона откри дека сака да набави специјален додаток за компјутер, со што би цртала директно на мониторот. Сликар не би бил сликар, ако нема на кого да се огледа. Покрај хуморот и сатирата прикажани на цртаните филмови од Мет Паркер и Сет Мекфарланд, ужива во одлично доловените карактери на семејството Грифин, 5-то одделенците од Саут Парк и параноичниот Стен Смит. Се размрдува со пешачење, гимнастика и планинарење. Кога í дозволува времето гледа романтични комедии, се “закачува” на Фејсбук, гледа видео клипови на Јутуб и нормално, сајтови посветени на модата и стајлингот. Омилени песни и се од 90-тите. Слуша реге и поп музика и чита руска литература. “Виновникот” за одбирање на нејзината струка како медицинско лице може да го најдеме во ликот на др. Хаус од серијата на фокс лајф. Неговиот лик ја фасцинира. Можеби таа ќе биде следниот дијагностичар во болницава.

Loading