Програмер и професорка во сенка се Христијан Стојкоски и Фросина Кузманоска од ОУ “Добре Јованоски”. Во сенка, затоа што воопшто не се “истакнуваат”, туку за нив зборуваат резултатите, а ги фалат и наставниците и директорот. На двајцата им лежи англискиот јазик. Наставничката Изабела Узуноска ги избрала да го претставуваат училиштето на натпреварите организирани од Лајонс клубот за Свети Никола. Узуноска ќе ги води и популарните cheerleader-ки да ги бодрат фудбалерите на ОУ “Добре Јованоски”. Прашање е дали е прво јајцето или кокошката – дали научиле англиски од филмовите и сериите или филмовите и сериите ги натерале да научат англиски… Било како било, немаат мака со глобалниот јазик. Уживаат во програмите “без око да им трепни”. Христијан е надарен за информатика. Осмо одделение е, а со компјутерот се дружи од четири години. Не е чудо што ги знае сите марифетлаци на софтверот и хардверот. Чудо е што осмоодделенецот дизајнирал игра, по моделот на блок-бастерот World of Warcraft. Смислил ликови, оружја, модел на напредување во неговата Role playing game. Во неврзан муабет директорката дури му предложи да ја изработи и веб страница за училиштето. Христијан се поднасмевна, и сигурно ќе го видиме неговото дело on-line. Ужива да игра компјутерски игри, независно дали сам или поврзан во мултиплеер со другарите. Иднината му е скроена. Од основно право в гимназија, па на електро-техничкиот факултет, каде ќе се изградува како програмер. Дотогаш ќе ужива во игрите и сериите на Фокс Лајф и Фокс Крајм. На соученичката Фросина í се врти умот кон медицината. Покрај англискиот, ќе треба да го совладува и латинскиот јазик. Кога не е зафатена со учење, го препушта мозокот во светот на фантазијата, читајќи ги Хари Потер или популарната сага за вампирите Самрак.