Францускиот е љубовен, италијанскиот е романтичен, рускиот е ладен, а германскиот е груб и нареднички. Јазик се разбира. Од девојче како Ангела Станкоска од ОУ “Кочо Рацин” би се очекувало да покажува афинитети по францускиот, италијанскиот или шпанскиот јазик. Ама, í се “залепил” германскиот, иако го бие глас дека е груб и “машки” јазик. Шестоодделенката првпат се сретнала со овој јазик годинава, ама има искуство од порано. Била подучувана од братучедите. Со добро предавање на наставничката Габриела Темелкоска, ги учат броевите, родовите, а подоцна и падежите и времињата, односно граматиката. На часовите е како “бубрег во лој” – сигурна, полна со знаења. Веројатно и ќе продолжи, зошто слободното време го користи да ѕирни во учебникот и да преведе некоја лекција сама. И на интернет “шета” по германски сајтови. Најважно што располага со мотив, интерес и поткрепата од наставничката. Сличностите со англискиот, кој Ангела го учи од прво одделение, се само дел од мозаикот за усовршување на германскиот. Мерак е и за македонски, а од историјата ја пленат праисториските случувања и преместувањето на племињата од тој период. Всушност, не вреди да се трошат зборови за предметите. Сите í “одат од рака”, без проблем. Петките се редат само со малку труд. Во слободно време тренира одбојка. Омилен í е смечот, ама и со сервата и приемот нема мака. На компјутер игра Ред балл, која í ја бразди мозочната кора, зошто е логична игра во која треба асолно да се “испотиш” да манипулираш со црвеното топче. Гледа серии и квизови, а од музиката го преферира поп-жанрот. И се крева косата од Лејди Гага, ама не од Бијонсе. Прв глас е во училишниот хор. Сака да “скита” со умот преку книгите за Хари Потер и филмот Нарнија, за кој кажува дека и е омилен поради храброста на главниот лик, Лавот. Засега размислувањето í е кон Гимназија. За натаму, мисли, оти, од толку предмети, “не знае кој крај да фати”.