Ракомет: Жито Прилеп – Будуќност 17-20
Испуштено водство од 17-16 во 51. минута
Одличен меч на Жито Прилеп, покрај поразот дома од Будуќност со 17-20 (9-9). Фаворитот, гигант на европскиот ракомет, беше намачен, прикажана допадлива игра на младиот домашен состав. Импонираше одбраната со малку примени голови. Во првиот дел имавме плус четири (8-4), последенпат водевме во 51. минута (17-16). На рака ни одеше слабото издание на гостинките. Задоволен сум, оти игравме колективно, како цело време што инсистирам. Не се издвојуваа поединки, сите имаат преодна оценка – смета Методија Петлески, тренер на Жито Прилеп. На голот почна Наумоска, продолжи Јаломитеану, крила Павичевиќ (1 гол), Матановиќ (1), Аџулеска (2), бекови Стојановиќ (4), Мркиќ, Штериова (4), Цветановска (2), и единствен пивот Серафимовска (3). Не е се во височината. Прогнозите беа дека ќе загубиме 10-15 разлика. Одигравме добро, оти вредно работевме и на дело се елиминираат слабостите – задоволен е Петлески. Моќниот тим на Будуќност тргна лежерно со мисла дека ќе дојде лесно до висок триумф. Очекувавме лесни бодови, но наидовме на цврст отпор. Домаќините имаат прогрес – рече Драган Аџиќ, тренер на Будуќност.
Црковна музика
Пред влезот во салата од разглас се слушаше црковна музика, првпат на ракометен меч. Се создаваше амбиент, според намената на приходот од влезниците. Дури 70 проценти се за градбата на новата црква “Света Петка” во Точила. Не се очекуваше многу посета, со оглед на чудниот термин во 11, 30 часот и студеното време.
Соработка
Будуќност беше пречекан на високо ниво во вторникот вечерта, со внимание на гостен и срдечно испратен во Скопје по мечот во средата. Преубав пречек. Имаме соработка со овој клуб, која најмногу се виде во петте засилувања кои тука дојдоа летоска. Ако треба можеме да пуштиме уште млади во оваа амбициозна средина – најави тренерот Аџиќ.