Некогаш беше КРУШОВО. Се присеќаваме на едно поодамнешно време кога пеевме – “Бојот започна, горе КРУШОВО”. Сме разговарале за ова со повеќе пријатели и познајници. Не се сеќаваат. Велат дека секогаш е КРУШЕВО. Отсекогаш било така. А не е така!
Ќе се обидеме да го образложиме нашево тврдење. Зборот крушово е придавка – крушово дрво (не крушево). Како што е сливово гранче, буково стебло и слично. Но во случајов КРУШОВО (КРУШЕВО) е име на градот и тоа е веќе сопствена именка. Да видиме дали отсекогаш било КРУШЕВО.
Ќе почнеме со Стефан Верковиќ (1821 – 1929). Тој е босански Хрват. Се преселува во Србија и е во служба на официјалната српска влада како таен политички агент во Македонија. Тој собира народни песни и го издава првиот Зборник на народни песни од Македонија во 1860 година, само една година пред Зборникот на Миладиновци. Го издава во Белград под наслов “Народне песме македонских Бугара”. Биографијата и тогашниот став на Верковиќ овојпат не ни се тема.
Зборникот содржи околу 350 песни од кои дветретини ги забележал од извесната песнопојка Дафина од близината на Серез. Песните немаат наслов, а се одбележани со бројки. Систематизирани се (со поднаслови) според содржината и според местото од каде ги собрал. Од прилепско има само една песна. Поднасловот гласи – “Од КРУШОВО кај Прилеп”. Значи, Верковиќ го пишува КРУШОВО (не КРУШЕВО), како што се викало тогаш, во 1860 година. Десетина – петнаесет години по Верковиќ и Марко Цепенков во својата автобиографија на повеќе места го споменува КРУШОО (КРУШОВО). Карактеристично е за прилепскиот говор да се испушта интервокалното В. Кога ќе се најде тоа меѓу два вокала во случајов меѓу две О се испушта. Така, наместо КРУШОВО Цепенков пишува КРУШОО, како што велат прилепчани – ЛАГОО (не ЛАГОВО), РОПОТОО (не РОПОТОВО). Во ваквите случаи не треба да се изговараат одделно двата вокала ЛАГО – О, туку како едно малку продолжено О. Тоа е карактеристика на прилепскиот говор. Прилепчани не велат дека ги боли ГЛАВАТА, туку ги боли ГЛААТА, со едно малку продолжено А. Таа тема сега не не интересира. Важно е тоа што и Цепенков го викал КРУШОВО (КРУШОО), а не КРУШЕВО. А тоа доволно зборува дека сите го викале така. Има и логика да се вика така. Рековме дека според морфолошките правила крушово е придавка, добиена од именката круша. А штом од СЛИВА е СЛИВОВО, од БУКА – БУКОВО, од ЦРЕША – ЦРЕШОВО, зошто да биде од КРУША – КРУШЕВО, а не КРУШОВО.
Ќе приведеме уште еден пример од поново време, од 1945 година. Ќе ја земеме стихозбирката “Порои” од Венко Маркоски. Таа е издадена во 1945 година во Скопје. Ќе приведеме дел од една строфа од подзаборавените стихови на Венко Маркоски:
…”Намини – помини селски колиби,
запри се, послушај гори кории,
разборуј, распрашај Бигла планина,
наѕри го, видиго старо Крушово –
гради ти разорал крвав Илинден”…
Ова се стихови од поемата “Чудна е Македонија”. Напишана му е во 1940 година во Софија. Во поемата “Илинден”, исто така се споменува – КРУШОВО (не КРУШЕВО). Ќе приведеме неколку стиха:
“Над Крушово осамна ден,
веселба,
танец,
песни”!
И оваа поема е напишана во 1940 година во Софија, а како што рековме издадени се во 1945 година во Скопје.
Примерите опфаќаат подолг временски период. Од средината на 19 век, па до средината на 20 век. Сигурно дека можат да се најдат и други примери. Тешко е да се поверува, оти сега може нешто да се измени. Рековме во почетокот дека не можеме да ја потврдиме причината, зошто Крушово стана Крушево (аномалија). Но барем ќе потврдиме дека грешат оние што тврдат, оти секогаш било КРУШЕВО, а не КРУШОВО.
А најголема потврда е тоа што и во Речникот на македонскиот јазик е регистрирано – КРУШОВО.
Благоја Ивчески