Јовановиќ и Ѓорески нови бекови

Фудбал: 11 Октомври почна со засилувања

Заминат нема

Фудбалскиот прволигаш 11 Октомври стартуваше со подготовките за пролетниот дел, а во стројот веднаш нови. Се работи за бековите, левиот Сашо Ѓорески (29) од Охрид 2004 и десниот, Србинот Миодраг Јовановиќ (25) од нишки Раднички. Двајцата се проверени, од класата “готови” играчи. Јовановиќ е познат од минатото по игрите во Победа. Не само на бековска улога, одличен е и во средниот ред. Очекуваме многу од него – велат од клубот. Ѓорески играше за повеќе клубови: Македонија Ѓорче Петров, Силекс, во чешки Брно, во Албанија, есеноска беше капитен на Охрид 2004. Најбрзо се договори со 11 Октомври и немаше дилеми дали да дојде, иако се работи за последниот на табелата. Доаѓам во организиран клуб. Борбата за опстанок е тешка. Со засилувањата, шансите постојат и треба да се искористат – вели Ѓорески. Објавена е трансфер листа, но заминати нема. Нова средина бараат Владо Данилов, Благојче Рутевски и Благојче Марковски. Потребен е стопер, каде доминираше Данилов во тандем со Филип  Мирчески, додека во средината нема да има зима со повратниците Тони Мегленски и Новче Ацески. Празнина се отвора во напад, доколку во Австрија замине голгетерот Благоја Гешоски. Треба нови во сите линии, а приоритет е нападот – потенцира тренерот Трајче Илиоски. Според планот, првата фаза од подготовките е во градов, а втората при крајот на месецов, во Охрид.

Двајца Срби

Во опција се двајца млади Срби на проба, напаѓачи од школата на Црвена звезда. Едниот е Миленко Пјавиќ ,играч на нишки Железничар, вториот Милета Глигиќ од ужичка Слобода. Доцнат поради снегот. Допрва ќе имаме појасна слика. Затоа се на проба – истакнуваат од 11 Октомври.

Непризнат факултет

Тренерот Трајче Илиоски има завршено факултет за фудбал во Белград, но дипломата не е доволна да го води тимот. Прописите бараат лиценца, па мора да посетува семинари и да одвојува од џебот. Сакал или не, морам. Почнав со Б лиценца, после е А и на крај Профи. Околу 5500 евра чини процесот – пресмета Илиоски.

Loading