Трета донаторска конференција за изградба на црквата Света Петка во Точила
Стопанствениците го одврзаа ќесето и не штедеа да ја поддржат градбата на новиот храм
Околу 240 гости на богојавленскиот ручек донираа најмалку по илјада денари
“Бог се јави!” е традиционалното христијанско честитање на празникот Водици. А вчера се јавија и голем број добронамерници кои донираа финансиски средства и помош во материјали за доизградба на црквата Света Петка во Точила. По вчерашниот чин на крштевање на осветените води, третата донаторска конференција, им донесе љубов, вера и надеж на прилепчани дека по еден век, градот ќе добие нова црква, дека ќе се заврши изградбата на црквата Света Петка, посветена на заштитничката од разни несреќи, но и од многу болести, а која се гради во чест и спомен на десетемина прилепски резервисти кои загинаа на Карпалак во 2001 г. Водици е празник кој постојано поучува како да го љубиме Бога, како да ги сакаме луѓето, а вчерашниот Богојавленски донаторски ручек собра над 240 православни верници кои празнувајќи покажаа дека ја сакаат и продолжуваат традицијата, градејќи црковен храм. Покрај собраните 240 000 денари од гостите на ручекот, Локалната самоуправа донира милион денари, градоначалникот Марјан Ристески лично 12 илјади денари. Стопанската комора на Македонија подари за прилепскиот црковен храм 120 илјади денари. Прилепската “Витаминка” во името на сите вработени за изградбата на црквата донира 500 илјади денари, а директорот Сашо Наумоски од лично име и на своето семејство подари 20 илјади денари. Изградбата со значителни финансиски средства ќе ја помогне и Мермерскиот комбинат, а директорот Горан Попоски лично издвои 30 илјади денари. Пари донираа и Скопска пиварница и голем број и други фирми од приватниот и јавниот секор. И интерпретаторката Елена Велеска го даде својот придонес за градбата на црквата со дар од 30 илјади денари, најавувајќи концерт за собирање на нови прилизи. Оваа донаторска конференција ја организиравме за побрза градба на црквата Света Петка, која започна пред 3 години, а се гради во една од најголемите и најурбанизирани населби – Точила. Потребите за овој православен храм се многу големи, бидејќи порано градот имал неколку цркви, но имал 15 илјади жители. Сега Прилеп заедно со околината има околу 100 илјади жители. Очекуваме да се соберат околу 50 илјади евра – рече градоначалникот Марјан Ристески. Празникот Водици се слави по повод Христовото крштевање во реката Јордан, и настанот кој тогаш се случил кога се открило Светото Тројство. Во евангелието по Матеј е забележано ова: “И штом се крсти, Исус, веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата, и Го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над Него.( 3.16 )” Донаторите со благослов на Владиката Петар му се поклонија и ја искажаа големата верба во Господ, надевајќи се дека наскоро заедно ќе се соберат на осветувањето на црковниот грам. Темелите на црквата Света Петка беа осветени во август 2008 г., а на Свети Никола истата година се одржа првата донаторска конференција. Втората беше на третиот ден од Велигден во 2010 г. при што се собраа 4,7 милиони денари.
Со божји благослов, се очекува, портите на црквата да се отворат за верниците на празникот на градот, на Свети Никола, на 19 декември.