Судбината на Шехерезада Мустакоска
Природата ја “казнила” да се роди инвалид, но гори пламенот на животот и страста за движење
Животната судбина си поиграла со Шехерезада Мустакоска. Цел живот се движи со инвалидска количка. Не í се насмеала среќата како на девојката од ТВ серијата Шехерезада. Станар е на Домот за згрижување на стари и изнемоштени лица. Родум е од селото Пласница кај Македонски Брод. Животот í ставил непремостлива пречка. Природата ја “казнила” да се роди инвалид, без можност да оди. Нема нозе, но има големо срце. Не се чувствува отфрлена. Не сака луѓето да ја сожалуваат, туку да ја третираат како сите, без ралика на хендикепот. Во неа гори пламенот на живот, а страста за движење не í се ослабува. Постојано ги врти со рацете тркалата на количката. Раскажува дека луѓето во родното село имале разбирање за хендикепот. Но, сфатила дека планинските услови на Поречието не се погодни за личност со физички недостаток. Татко í Енис ја однесол првин во Домот за лица со посебни потреби во Демир Капија. Меѓутоа, Домот бил установа за згрижување на лица со голема ментална ретардација. Шехерезада, како дете од 12 години, не успеала да стекне соодветното образование.
Дом наместо товар
Малку време живеела со семејството, со родителите. Кога брат í се оженил и добил деца, решила да се осамостои, за да не биде товар на фамилијата. Заминала во домот за стари и изнемоштени лица во Прилеп, каде наишла на топлина, љубов, добри зборови од персоналот и грижа, соодветна на хендикепот. Не беа погодни условите во Демир Капија. Да не им сметам дома, решив да дојдам во Прилеп, зашто проценив дека и домовите се за луѓе. Ми одговара амбиентот. Условите се погодни како за мене. Персоналот ме прифати, се запознав со станарите и се чувствувам пријатно. Ми помагаат и од Здружението за телесни инвалиди. И таму “одам”, на дружба и разговори со слични луѓе на мене. Муабетиме и си ја олеснуваме душата. Многу помага кога се споделуваат чувствата, маката и животната трагедија со некого – вели Мустакоска која го тера четиригодишниот мандат како делегат од Здружението. Задоволна е со урбанистичките промени, со отстанувањето на урбаните бариери во полза на хендикепираните и пристапноста за луѓето “врзани” во инвалидска количка. Имав многу мака кога требаше да се качам на тротоар со количката. Возачите не ме погледуваа, а малкумина ми помогаа. Сега е многу подобро со спуштените банкини. Сама можам да одам на состанок во Здружението. Таму разговараме за секојдневието. За празник, одржуваме симболична свеченост за одбележување на денот. Сега се подготвуваме за Осми Март. Наоѓаме големо разбирање од локалните фирми, кои се јавуваат како донатори за ортопедски помагала, инвалидски колички и друго. Чест гостин е и градоначалникот Марјан Ристески. И со него имаме одлична соработка – вели 40 годишната Шехерезада.
Тага за свое семејство
Најголема болка на Мустакоска не е физичката, туку душевната. Тажи, оти ја боли душата и í тежи срцето со сознанието дека не може да се радува на свое семејство, на свое потомство. Сака да остави наследници и да се радува на своја челад. До некаде ја ублажува болката со тоа што има внучиња од сестра í и брат í, кои доаѓале на посета до неодамна. Жали што заминале во Италија, а се радува што најстариот внук í е студент. Тој í се јавувал преку телефон. Во маката наоѓа ќеф, затоа што фамилијата ќе добие учен, академски член. Домот í е второ семејство. И персоналот, и вдомените í се “свои”. Задоволна е од докторите, психологот, медицинските сестри и придружниот кадар. Обично денот го минува со пријателите, гледајќи ТВ или играјќи домино и шах. Го дели ставот со останатите станари на домот. Заеднички сметаат дека ако биле дома, домските услови ќе ги немале. Зашто има ред и дисциплина, взаемна почит и одржување на куќниот ред. Деновите í “летаат”, без да ги сети, зашто е витална и енергична. Веќе не се чувствува дека живее во Дом, туку собата и условите ги доживува како своја куќа. Не лесниот начин на живот со хендикеп, Шехерезада духовно го полни со верба во Господ, кој í дава сила да истрае и да биде колку што може продуктивен член на општеството.