Потера по екс директорите на Тутунски

Полицијата ги бара осудените поранешни директори на Тутунскиот комбинат да ги однеси на издржување на затворските казни за аферата затаен данок за шверц со цигари од 500 милиони денари. Судот писмено бил информиран од затворот Идризово дека поранешните директори на Тутунски Комбинат, Димитар Богдан и Илија Нунески, не се јавиле на издржување на затворските казни на 30 декември лани. Според процедурата, судот го пратил предметот до полицијата, која издала наредба за нивно пронаоѓање и присилно приведување за започнување со издржување на казната. Инаку, Агенцијата за управување со одземен имот почна да го запленува имотот на осудените за надоместување на штетата. Од извори на Министерството за правда, дознаваме дека осудените ќе треба да платат солидарно 7,6 милиони евра, колку што ја оштетиле државата за неплатен данок и комбинирана акциза. Во првата фаза, според Агенцијата, веќе се замрзнати или се во тек блокадите на трансакциските сметки. Поранешните генерални директори на Тутунскиот комбинат, Димитар Богдан и Тони Мицајков, добија казна затвор од пет години, а раководителот на фабриката за цигари Илија Нунески беше осуден на 4,5 години. Условно беа казнети Орде Илиоски и Круме Спиркоски – Џемо. Според пресудата, екс директорите и останатите актери на аферата шверцувале цигари со фалсификување на документација. Наместо цигарите да заминат за Кипар и Косово, завршувале на домашниот пазар. Според истрагата, тие не платиле 500 милиони денари ДДВ и акциза за околу 500 тони цигари. Судот на крајот на минатата година го одби барањето на Мицајков, Богдан и Нунески за одложување на  затворските казни.

Loading