Решетки, блокирани сметки и конфискација на имот

Епилог на аферата за затаен данок за цигари во Тутунски

Агенцијата за управување со одземен имот почна да  го запленува имотот на единаесетмината учесници во аферата затаен данок за цигари во Тутунскиот комбинат од пред пет години. Од извори на Министерството за правда, дознаваме дека единаестмината осудени ќе треба да платат солидарно 7,6 милиони евра, колку што ја оштетиле државата за неплатен данок и комбинирана акциза. Во првата фаза, според Агенцијата, веќе се замрзнати или се во тек блокадите на трансакциските сметки, и на прилепчаните, поранешните директори на Тутунскиот комбинат Тони Мицајков, Димитар Богдан, раководителот на Фабриката за цигари Илија Нунески и на вработените Орде Илиоски и Круме Спиркоски – Џемо. Согласно законските одредби, претстои конфискација на имотот на обвинетите и негова продажба по пат на лицитација. Од Министерството за правда не соопштија што ќе се случи, ако обвинетите не располагаат со имот, со кој би можеле да ја покријат штетата нанесена на државата. Според пресудата бр. 69/08 од 15 јули 2010 г., по пет години затвор добијаа екс директорите Тони Мицајков и Димитар Богдан. Четири години затворска казна добил Илија Нунески, а останатите двајца се осудени условно.

Loading