Понеделник сите пред Илиоски

Фудбал: Завршува одморот за 11 Октомври

Тренинзите во Прилеп и Охрид

В понеделник (12 часот) завршува едномесечниот одмор за фудбалерите на прволигашот 11 Октомври. Сите ќе се на првата прозивка на стадионот “Гоце Делчев”, пред тренерот Трајче Илиоски. По лекарските прегледи веднаш тргнуваат подготовките со тренинзи низ градов и во Охрид. Собирот се очекува со нетрпение, заради најавите за засилувања. Клубот ќе се бори за опстанок до најмали шанси и оттука вратата за нови е отворена. Нужни се на сите линии, за поголема конкуренција, бидејќи есеноска се виде дека повредените немаа соодветни замени. Се задржуваат најдобрите. Најважно е останувањето на голманот Пеце Коруновски, кој ќе биде меѓу стативите најмалку до јуни. Истото важи за левиот бек Благојче Рутевски. Никој нема најавено заминување. Тоа е добро. Играчите го ценат клубот како еден од најдобро организираните и се подготвени тие што ќе останат да возвратат со игра. Единствен кој има шанси да замине е голгетерот Благоја Гешоски, на проба во австрискиот второлигаш ФЦ Виена. Ако се погледне есенската табела, на прв поглед е страшна, последен е 11 Октомври, пет бода бега Турново, а осум Тетекс. Меѓутоа, конкурентите не се во завидна состојба, ги чекаат проблеми. Напролет, тоа треба да се искористи, зашто има изгледи преку бараж да се извбегни најлошото.

Бизнис пауза

Мирува Бизнис лигата во мал фудбал по одиграното 3. коло. Наредното е предвидено после празниците, околу 21 јануари. Претходно ќе се одиграат одложените Агроинвест – Спорт лајф и Прилеп – Кабелнет. На табелата води Златна рака Проспект со девет, пред С. Лајф и Горан паркетар Електроелемент по шест бода.

Loading