Наш експерт за недвижности тера бизнис во Европа

Златко Ковилоски, менаџер во инвестициски фонд во Луксембург

Нема деловни контакти со Македонија, но се оженил со прилепчанка

Потомокот на прилепската гастербајтерска фамилија Ковилоски, Златко, (32) е млад менаџер во инвестициски фонд во Луксембург, кој живее во германскиот град Трије. Нашата “алфа и омега” за вложување во недвижности во белиот свет никоја не го гледа што е Македонец, туку го “мерат” според резултатите и квалитетот. Голем е менаџерскиот предизвик во ваков фонд. Се бара квалитет. Постојано се надградувам и специјализирам. Инвеститорот на фондот е од Јужна Африка. Инвестираме со недвижнини низ Европа. Улогата ми е да помагам при купувањето на недвижностите. Едноставно, тргуваме со нив. Сите фондови имаат ист принцип – вели Ковилоски. Објаснува дека досега немале деловни контакти со македонски партнери. Европа има зрели пазари с минимален ризик. Инвестираме преку пензиски фондови, осигурувања од Англија, Норвешка, Шведска, Германија, Данска – раскажува Златко. Младиот Македонец по професија е економист со завршени два факултети – првиот за маркетинг, а вториот за европски бизнис. При крај е со постдипломските студии по менаџмент во Англија. Нужно е следењето на новитетите. Постојаното едуцирање е како храна. Посетувам различни тренинзи – објаснува младиот менаџер, додавајќи дека сака неговото искуство да го пренесе во Македонија. Иако досега немал контакти со надлежните во земјава, постојано ги следел состојбите во Македонија. Гледам дека се подобруваат работите. Има ново светло. Се евидентира разбудување, оти полека исчезнуваат старите “сопирачки”. Образованието е на високо ниво. Колеги од Луксмебург се чудат на квалитетот на подготвениот кадар од Македонија. Се чудат како брзо напредуваме. Потребно е само повеќе пракса и познавање на јазици – вели тој. Лани бил единствен претставник од дијаспората на Школата за млади лидери, организирана од претседателот Ѓорѓе Иванов. Чест ми беше да се дружам со млади луѓе со завршено високо образование, оти располагаат и развиваат лидерски вештини и капацитети да придонесат за развој на општеството. Школата ги стимулираше и ги развиваше капацитетите за справување со предизвиците на глобалната технологија, конкуренцијата, културната и регионалната диверзификација. Запознав врвни експерти и се надевам ќе се дружам. Со  младиот потенцијал може да се изгради најнапредна држава на Балканот – додава  Ковилоски. Ја сака својата земја, иако животот го минал надвор од границите, но сепак му се “насмеала” среќата и одбрал прилепчанка за животна сопатничка, одржувајќи ја традицијата. Не ги заборавам корените. Најголема инвестиција е женидбата со прилепчанка. Налето ќе правам свадба во Прилеп. Кум ќе ми биде претседателот Иванов, а ќе ме венчава архиепископот г.г. Стефан.  Родителите, пред 40 години, заминале од Прилеп, но по добивањето на пензиите се вратија назад – истакнува Златко.

Лобирав за македонска црква во Германија

Златко Ковилоски е активен член на градежните одбори на Македонските цркви во општините Мајнц и Хановер, каде се гради првата македонска црква во Германија. Активно лобирав за градбата на првата македонска црква на германска почва. Преговорам за купување на недвижен комплекс околу црквата, со што тоа ќе биде најголем македонски објект во Европа, надвор од Македонија – раскажува Ковилоски.

Loading