СЕ “УЧИ” БУРЕК ДОДЕКА СИ ЖИВ

Џулијано промет

Му лежел пекарскиот занает иако татко му го терал да биде факултетлија, “господин”

Дома го “тренирала” баба му на синија

Бели печива со традиција од 40 години се приготвуваат во фирмата “Џулијано промет” на Пеце Дамески. Тој е потомок на славниот мајстор на буреците Миле Дамески – Џулијано. Кришум го совладал занаетот и го наследил од татко му, иако веќе починатиот мајстор не сакал децата да одат по неговите мачни стапки. Сметал дека занаетот е макотрпен, а децата не е добро да бидат “ноќни амали”, пекари. Кога љубовта кон тестото, корите, брашното се претвора во страст, нема промашување. Младиот Пеце од дете, без да го знае татко му, ѕиркал, “купувал”, надгледувал, како се меси тестото, како се тегне во кори и како се создава бурек, од чиј вкус, човек може да си ги “изеде прстите” од сласт. Сојузник на младиот “чирак” била неговата баба, која го помагала во “тренинзите”.

Така денес, со речиси 30 години работа и 20 години официјална фирма, младиот Дамески е вистински наследник на татко му Џулијано.

Тој, во три дуќани, произведува бурек, бели печива, киснати кроасани, благи и солени, пици…

Фирмата ја отворил, откако се одделил од татко му во 1991 година.

– Татко ми не ме оставаше, оти беше тежок занаетот. Сакаше да учам и да завршам факултет. Велеше, да сум бил господин. Мерак имав  да месам од 14 години, а на 16 години сам правев бурек. Марифетот е во вртењето на тестото во воздух, кои се тегне и се тенчи во кори. Со време се усовршував. “Создавањето” на бурек тешко се учи, бидејќи бара минимум од една до две години искуство. Подготовката се учи дури си жив – објаснува Дамески.

Професионалноста носи квалитет. За потврда за мајсторилакот, не е само квалитетот, туку и обучените четириесетина помошници, кои веќе имаат свои дуќани не само во Прилеп, туку и во странство.

– Малку млади се определуваат за бурекчии. Не е за млади, бидејќи е ноќен ангажман. Моментно учам двајца млади, кои изразија желба за занаетот. А мене ми лежи. Го терам продуктивно бизнисот, иако е тежок. Ако се работи, има профит. Но, треба и квалитет. Произведеното се продава над 95 насто. Сé е пресно. Конкуренцијата е добредојдена, оти носи квалитет – вели Дамески.

Бизнисот има тенденција на напредок. Веќе е отворен дуќан наспроти ОУ “Кире Гаврилоски”, покрај оние во Старата чаршија и во Точила. Планира четврт.

Баран и во Полска

Да го пренесе “рецептот” за производство на бурек во Полска,  односно да оспособи бурекчии, Пеце бил “канет” од полски бизнисмени. Наместо него, татко му Миле отишол во Варшава.

– Работев во Швајцарија. Уште ме бараат, но не се оставаат дуќаните, оти, според народната, “ако го нема газдата, бизнисот нема да оди”, ќе опадне квалитетот. За бурекот има олеснување, има машини… Поквалитетен е кога рачно се чалдисува тестото. Уште да излезе машина за бурек, тогаш нема ефект од занаетот. Со машините се олеснува бизнисот, а не како пред децении кога кроасаните и лиснатите се правеа на рака – вели Дамески.

“Крадел” занает

– Тајната на бурекот ја научив сам, со гледање. Никој не ми покажуваше. Татко ми ме бркаше, а јас вежбав на дуќан кога не беше тука. Потоа дома, баба ми на синија ќе ми месеше тесто, топчиња и ќе ги расплескав топчињата и дома ги фрлав.

Loading