Предстои година за бизнис амбиент

Новогодишно интервју со градоначалникот Марјан Ристески

Прилеп важи за една од најуспешните општини со реализација на проекти за подобрување на животот на граѓаните. Градот е чист и уреден, но граѓаните бараат вработувања. Дали со генералниот урбанистички план се постави базата за инвестиции и економски развој? 

Прилеп доби зелено светло од година да стопанисува со градежното неизградено земјиште. Главен адут е привлекување инвестиции со новиот генерален урбанистички план. Тоа е добра стартна позиција за инвестиции со проширување на градежниот опфат за 30 – 40 насто со индустриски зони, спортски и трговски центри, хотели, болници и индивидуални куќи и колективен станбен простор. Моментно се работат деталните урбанистички планови, по што ќе се објавува тендер за продажба на земјиштето. Во ГУП, предвидена  е локацијата кај Металец за индустриска зона. По завршувањето на спорот на Управен суд, ќе се овозможи продажба на 33 локации за изградба на фабрики и погони. Тендерот ќе биде меѓународен, и за странски компании. Придонес ќе е и индустриската зона кај Жито Прилеп. Има најава за многу инвеститори, кои откупиле ниви за градба на погони. Малите и средните претпријатија апсорбираа работна сила. Минаа времињата на вработувања во јавен сектор и државни фирми, интенциите на ЕУ се намалување на јавната администрација.

Географски, како ќе се шири градот? Ќе се зголеми ли станбената понуда со ГУП- от?  

– Изградбата на модерната населба “Градина” по европски терк ќе е продолжение на типските куќи кај оранжериите за индивидуално домување, со широки и уредени улици, со економични светилки, 120 м2 простор и широки дворови. До март ДУП ќе биде изгласан и ќе се понуди на тендер. Со новите кредитни можности, младите ќе стигнат до куќа или стан. Во Точила ќе се градат 80 социјални станови. Ќе се прошири опсегот на старата чаршија со цветни патеки кај улицата кај бочварите и кон новата катна гаража.

Се потпиша договорот за изградба на пречистителната станица за комплетен третман на отпадните и атмосферските води на прилепското сливно подрачје, вреден 20 милиони евра со донација од ЕУ и буџетот на РМ?

– Ќе се врати живиот свет на реката, а водата ќе служи и за  полевање на земјоделски површини, оти ќе е по сите еколошки стандарди. Со тоа ќе се заштитат и Црна Река и Мариово. Каде што нема канализација, ќе се изгради, несоодветната ќе се реконструира, онаму каде што има во една цевка и фекална и атмосферска, ќе се оддели. Градот ќе се заштити од поројните дождови и поплави.

Новата катна гаража со бизнис центар, која е приватна инвестиција од околу 5 милиони евра, треба да заврши наредната година?

– Ќе се доуреди централното јадро, ќе се зголеми трговската понуда со брендирани марки и ќе нî исфрли како трговски центар. Со гаражниот простор ќе се овозможи и средување на сообраќајот и паркинг просторот.

Нема ли да останат жедни прилепчани и дали ЈП Водовод и канализација, откако успешно го заврши проектот со германската КФВ банка, може самостојно да инвестира во реконструкција на водоводната мрежа?

– ВИК секоја година ќе инвестира по 10 км нова водоводна мрежа, да се намалат загубите, додека цената на водата е најниска. Претпријатието е способно да инвестира и градот да се снабдува со вода. Ако не беше реконструкцијата и доброто работење, при оваа суша Прилеп немаше да има вода најмалку 4 месеци. Изворот Студенчица со 1 300 л/с беше намален на 300л/с и со мали редукции и со вклучување на бунарите, успеавме и повисоките населби да се снабдуваат со вода непречено. Прилеп доби 1,7 милиони евра за канализации во Мало и Големо Коњари и Канатларци. Со дел ќе се доизградат водоводи каде што нема. Пари ќе има и за приклучок на десетте бунари со 120-140 л/с дарежливост.

Како работат останатите јавни претпријатија?

– Ќе се изврши допокривање и доосветлување на пазарот, се израработува деталниот урбанистички план за млечниот пазар кој ќе биде даден на тендер за градба на безистен со дуќани по Хасап системот. Ќе заврши градбата на капелата. Терминалот ќе добие нова современа хала со сите норми за терминалски услуги.

Ќе продолжи ли инфрасруктурното уредување на градот?

–  Ќе продолжи реконструкцијата на плоштадот Ченто. Се отстранија трафиките, кои го нагрдуваа центрот. Продолжува поплочувањето со мермерни и гранитни плочки, со ново осветлување и клупи, до старата чаршија и до ОУ Кочо Рацин. Ќе заврши и третата фаза од арт плоштадот со водена завеса. Ќе профункционира новата подземна гаража со капацитет за 50 возила. Ќе се осветли комплетно речното корито. На плоштадот пред “Марко Цепенков” ќе има споменици од бел мермер во чест на Блаже Конески и Круме Кепески. Ќе се изградат споменици на Пере Тошев за 100 годишнината од смртта, на Ѓорче Петров и споменик на гајдаџијата Пеце Атанасовски.

Ќе има ли пари за нови асфалтирани улици?

– В година има 148 милиони денари за асфалтирање на нови улици, за рехабилитација на оштетените улици. Околу 10 милиони денари предвидени се за тротоари. Ќе се гради кружен тек кај Липа. Ќе се уреди влезот на градот од Лукоил до Солидност со двонасочна улица со велосипедски и пешачки патеки и зелен појас на средина, доизградба на двонасочната улица кај автобуската станица. Ќе се изградат ѕидови на градската река на потегот од Димо Наредникот кон Сточен пазар и од малото мовче кај базенот и на каналот Дабница, а ќе се  прави потпорен ѕид и кај скривниците кај германските гробишта. Планирана е градба на експресниот пат – трета лента од Фариш до Градско.

В година Прилеп повторно ќе посвети внимание на културните настани и манифестации?

– Најавивме реконструкција на Саат кулата, ќе се стабилизира навалувањето, ќе се поправи механизмот, со што ќе привлечеме туристи. Ќе се отвори и нов етнолошки музеј. Манастирот Трескавец, со неколку милиони евра ќе стане достапен со асфалтен пат.  Во мај е светската конвенција на карневалски градови, Гимназијадата и 10 годишнината на Пивофест со настап на европоска или светска ѕвезда со помош на пиварниците.

Кога ќе заврши изградбата на црквата во Точила?

– Со божји благослов, со помош од ЛС со помош од граѓаните, бизнис секторот имаме сила и црквата Света Петка, која е изградена до карабина да се оконча со донаторски конференции. Се надевам дека до Свети Никола, ќе чукне камбаната во Точила, со уреден плоштад околу и градот ќе добие храм по 100 години. Во Точила ќе се гради воден парк. Планираме таков парк и во Типската населба и во Ѓогдере.

НОВАТА ОПШТИНСКА ЗГРАДА – ЕМ УКРАС, ЕМ ЕФИКАСНА АДМИНИСТРАЦИЈА

Што доби градот со новата општинска зграда?

– Таа не е само одлично архитектонско решение, огледало, украс за градот, туку функционална. Имаме најголема реалзицаија на буџетот, над 95 отсто. Предничиме со решенија за легализација и примените барања. Ќе се подобрува квалитетот на администрацијата и секторите. Ќе воспоставиме единствен едношалтерски систем да се овозможат квалитетни услуги.

КАРПАЛАК, УЧАСТАКОТ – ГОРДОСТ И ПОЧИТ

Кои се проектите со чија реализација се гордеете во 2011?

– Со спомен обележјето Карпалак им одадовме почит на десетте резервисти кои животот го дадоа во 2001 година. Добивме современ плоштад со осветлување и зеленило и сообраќајно решение. Реконструиран е Участакот заедно со Министерството за култура и поставивме споменик на Кузман Јосифоски Питу. Прилеп доби уште една понуда во развојот на културниот туризам. Помогнавме и за  новата постојаната археолошка поставка во Заводот и музеј.

РЕНОВИРАНИ УЧИЛИШТА

Старите училишта стануваат современи објекти со спортски сали?

– Реконструирани се многу училишта. Ќе продолжат вложувањата во гимназијата. Добивме и нова спортска сала во “Ѓорче Петров”, а започна градбата и во “Р. Р. Ричко” и во “К.Ј Питу”. До крајот на учебната година ќе бидат отворени. Во 2012 Прилеп е домаќин на гимназијадата, а овие сали ќе бидат во функција. Ќе се стави темел на спортска сала во “Добре Јованоски” и во наредните две години сали ќе добијат и “Кире Граврилоски”, “Кочо Рацин” и “Блаже Конески”.

ПОСТАВЕНИ 55 КИЛОМЕТРИ АСФАЛТ

– Се асфалтираа нови улици, се пополнија дупки. Некои села добија асфалтна артерија?

– Поставени се над 50 километри асфалт. Проектот “Пријави дупка, пријави дефект…” го презедоа други општини поради функционалноста. Реновиран е регионалниот пат Прилеп – Крушево и Прилеп – Македонски брод. Реализирани се многу проекти во населените места. Асфалт добија селата Радобил, Лопатица, реконструкција на патот Тополчани – Канатларци… Се поврзаа Загорани, Веселчани и Боротино. Првпат асфалт добија Штавица и Бонче. Пред асфалтирање се патот за манастирот кај село Селце, за Дуње, подготовка на асфалтно поврзување на Клепач со Ерековци.

 

Формиран локален економски совет

Локалната самоуправа формира економски совет со 20 членови од стопанството, невладиониот сектор и синдикатот, да биде советодавно тело за иницирање на развојни градски проекти. Градоначалникот Марјан Ристески, кој е претседател на ова тело, изјави дека советот ќе учествува во носењето на одлуки, поврзани со инвестициите и деталните урбанистички планови. Советот ќе помогне при изборот на локации за индустриските зони, патната инфраструктура, проектите за земјоделството, културата, туризмот, образованието и едукацијата – вели Ристески. Потпретседатели се директорите на “Прилепската пиварница”, Сашо Самарџиоски и на “Витаминка”, Сашо Наумоски. Локалниот економски совет ќе има и непостојани членови, министри кои потекнуваат од Прилеп, директори на јавни претпријатија и носители на јавни функции.

 

Loading