Пари за училишта, улици…

Локалниот буџет вгодина ќе “тежи” над 16,5 милиони евра

Општината ќе продава градежно земјиште за куќи, згради и бизниси, а парите ќе се слеваат во локалнотото кесе, а не, како досега, во државната каса

Мнозинството од советниците во градскиот совет го изгласаа буџетот за 2012 година, кој ќе изнесува 16,5  милиони евра. Половината од парите се наменети за образованието и за предвидените реконструкции. Основниот буџет, со кој се следат инфраструктурните зафати и трошоците за локалната власт, изнесува околу 7,8 милиони евра. Според проекциите, 10 отсто од парите на основниот буџет, ќе се користат за плати, наемнини и надоместоци. За субвенции и трансфери за јавните претпријатија се планирани над 500 илјади евра, а најголем дел се за капитални проекти, меѓу кои најзначајни се за локалните патишта и улици, каде се насочени два ипол милиони евра. За регулација на коритото од градската река има 300 илјади евра, за градба на потпорни ѕидови се проектирани над 200 илјади евра, за реконструкција на плоштадот “Ченто”, се предвидени 250 илјади евра, а за обноват на терени за мали спортови, 50 илајди евра. Остатокот ќе се експлоатира за други проекти за подобрување на животот на граѓаните.

Како ќе се собираат овие пари? Поголем дел се трансфери од државниот буџет. Државата ќе насочи 8,6 милиони евра за платите и реконструкциите во образованието. Остатокот ќе се собира од даноци и такси без да се зголемуваат давачките на граѓаните. В година Прилеп ќе биде првата општина која ќе продава градежно земјиште и ќе ги прибира парите за да ги користи за градски проекти. Овие средства досега се акумулираа во државната каса. Се очекува да се продаваат парцели за бизнис и за индивидуални и за колективни станбени објекти. Ќе се нудат парцели кај Табана, Касарната, типската населба Градина, индустриските зони Металец и кај Жито Прилеп. Се очекува во локалниот буџет да легнат не малку пари, кои ќе се насочат пак на инфраструктурата и на други проекти што ги финансира локалната самоуправа, почнувајќи од образовните, културните, спортските и другите зафати, предвидени со програмите за 2012 година.

Loading