На сцена како дома

Александар Степанулески, актер

Мојата колевка е прилепскиот театар

Стивен Кинг во “Гнев”, “Спиноза” во истоимената претстава, Овидиј се само дел од повеќето улоги кои ги одиграл младиот актер Александар Степанулески не само во прилепскиот, туку и на други сцени. Надарениот актер се потврдува уште еднаш во претставата “Калигула”.

Актер си, кој “гори” на сцената. Така беше и во “Калигула”?

Театарот во принцип е колективен труд. Без целосен влог на секој член, нема добра претстава. Го делам ставот со оние кои сметаат дека секогаш може повеќе. Тоа не значи дека не сум задоволен од својот и од придонесот на екипата. Сепак публиката секогаш го има последниот збор. Колку повеќе ја полни салата, толку коефициентот за придонесот е поголем.

Беше ли предизвик да се игра Калигула?

Беше не само предизвик туку и чест, во време кога се помалку се работат класични текстови и кога имаме помалку шанси да играме класични ликови. Среќен сум што го играм еден од најголемите ликови на светската драматургија.

“Калигула” е специфичен. Како се “доловува”?

Хаха.. Да, доста специфичен лик. Мошне комплексен, кој на првото читање – гледање изгледа како апсолутен негативец. Колку се “копа” подлабоко во суштината, која и авторот ја загатнува, толку повеќе се судираме со неговата ранливост, праведност и искреност… Не е лесно да се долови. Во тоа е убавината, а задоволството после напорно завршената работа секогаш е големо, особено ако добро сме ја завршиле.

Калигула наспорти човечкото во себе. Што има повеќе во ликот, што тој нуди?

Би рекол Калигула наспроти нечовечното во себе. Тоа е главната тематика и на мојот Калигула. Повеќемина мислат дека со апатија, инертност и неземање активно учество во работите, изместени од својата основна морално етичка оска, прават добро и практично дело. А не се свесни дека помагаат процес, кој создава затруен свет на слабаци, кои не се способни да се изборат за својата внатрешна вистина, каква и да е. Ликот нуди премногу материјал кој може да биде искористен за испраќање јасна порака.

Се чувстуваш ли исполнет?

Апсолутно. Тоа е она за кое секој актер живее. Мило ми е што предизвикува голем интерес. Особено ми е драго што во неколкуте репризи досега гледам луѓе кои доаѓаат втор или третпат. Тоа ме прави среќен. Инаку, претставата е за сите возрасти. Различни генерации, различно ја доживуваат. Помладата публика е побројна, затоа што побрзо го впива импулсот на живата и бунтовна енергија, која ние како генерација и екипа го нудиме од сцената…

Речиси си ексклузивец за Зоја Бузалковска. Што е она што ве “врзува” како актер и режисер?

Ексклузивец е Том Крус на Парамонт, Бред Пит на ‘’ЊБ’’, или Роберт де Ниро на Колумбија. Точно е дека сме направиле доста претстави заедно со Зоја. Тоа не е никаков ексклузивитет, туку искрена и одлична соработка, произлезена од заедничкото четиригодишно дружење на факултет. Еве две години потоа. Тоа се должи на заедничкото на двајцата – љубовта за професијата, посветеноста, истрајноста…

Зошто си актер?

Никогаш не сум имал дилеми што сакам да бидам во животот. Не си  дадов можност да се двоумам и да одлучувам помеѓу две или три нешта. Секогаш сум сакал да бидам она што станав, односно она што допрва треба да станувам. Првпат стапнав во театар на девет години. Досега го барам одговорот на прашањето зошто станав актер. Се менува заедно со времето, што се повеќе го поминувам во театар. Сигурно е и не се менува е тоа што не мислам дека сум згрешил или дека сум направил погрешен избор. Напротив, да  бидам на сцената, за мене значи да си сум во мојата дома.

Се градеше во прилепскиот театар или играш и во други театри?

Се градев и уште ќе се градам. Прилепскиот театар е мојата колевка. Благодарение на мојот театар, односно луѓето кои сите години вложуваа, не само во мене, туку и во колегите, играм и по другите театри. Тоа е местото каде сум се родил, а тоа тешко се напушта. Во однос на успехот? Не би го нарекол успех, туку мисија за која допрва треба да се “замесува тестото”, а ние да бидеме што побројни учесници во тоа…

Кој лик ти е сон?

Би сакал многу улоги. Многу планови. Најпрво да завршам со испитите за постдипломските студии и да магистрирам, а потоа  ќе видиме. Ме очекува проект на пролет во Скопје и сé што е поврзано со мојот театар.

Loading