ЧУДО ГОЛЕМО

Чудо! Народе, се случи чудо! Замислете, на македонска телевизија се појави емисија за проблемите на м а к е д о н с к и о т јазик. Навистина, редок настан! Повод за ваквата емисија – избрзаната изјава на министерот за образование. Тој најави мирување на Катедрата за македонски јазик зашто таквите кадри биле суфицитарни. Навистина, тој после си поплука, рече дека не мислел така, но негативниот ефект не изостана. Еве, се случи дури и тоа, една телевизија да подготви специјална емисија! Ајде, аирлија сефтето! Емисијата беше насловена “Јазикот е нашето духовно богатство”. Не би рекле дека е сосема правилно формулиран овој наслов. Јазикот е нашето духовно богатство!? Јазикот сме ние, тој е нашиот идентитет. Јазикот е средство за комуникација. Со него може да се зголемува духовното богатство. Но, ајде да не филозофираме.

Убаво е што се појави ваква емисија. Можеби таа ќе предизвика потреба да се дебатира и на некои други медиуми. Тоа е прекупотребно. Состојбата во јазикот ни е повеќе од лоша и треба да се обрне поголемо внимание и од повисоки инстанци.

Да се вратиме на конкретната емисија. Што беше добро и дали имаше нешто што беше лошо?! Во емисијата – водителка и гостинка. Гостинката универзитетски професор по македонски јазик. Проф.д-р  Виолета Пирузе. И двете имаа мошне критички однос спрема изјавата на министерот за образование. И двете (особено професорката) манифестираа огромна загриженост за лошата ситуација во врска со јазикот. Не може да се зборува за дефицитарен кадар, а од друга страна, голем дел од медиумите немаат лектори. Лектори нема и во многу други институции, каде што се неопходни.

Сево ова е точно. Ја делиме загриженоста за негрижата за јазикот. Ја потврдуваме потребата за лектори, секаде каде што ги нема, а треба да ги има.

Рековме дека е добро што се појави ваква емисија, но се прашавме дали имаше нешто што не беше добро. Да! Имаше! Тоа е исто така повеќе од загрижувачко. Можеби можеме да им ги простиме грешките на обичните луѓе. Но, грешките на проф.д-р Виолета Пирузе не можеме да í ги простиме. Не може да се брани јазикот, ако не се говори правилно. Особено универзитетски професор по македонски јазик. Ќе цитираме неколку реченици од Госпоѓа Пирузе: “Треба да се тоа догради, треба да се тоа усоврши”. “Треба да се двете катедри стават под заштита на државата”. “Треба да се така дејствува”. “Да се човек посвети”. Разочарувачко е ова Госпоѓо Пирузе! Каква ви е оваа синтакса?! Какви се овие конструкции?! А и во акцентирањето правите многу грешки.

“Треба да се така дејствува”!? Зар не мислите дека е правилно “Така треба да се дејствува” (може и “Треба да се дејствува така”). “Треба да се тоа усоврши”! А зошто не “Тоа треба да се усоврши”, и да не ги коментираме сите други погрешни реченици.

Понатаму во своето излагање Госпоѓа Пирузе зборува за младите кадри на кои таа им предавала. Вели дека била горда НА тој млад свет.

Госпоѓо Пирузе, човек може да биде горд СО нешто, а не НА нешто. Родителот се гордее СО своите деца, а не НА своите деца. Вие може да се гордеете СО тој млад свет, а не НА тој млад свет.

На едно место Госпоѓа Пирузе вели дека била ЗАТЕКНАТА од таква изјава. Србите велат ЗАТЕЧЕНИ, кога ќе се најдат од нешто изненадени и неподготвени. Ние, се разбира на “македонски” – ЗАТЕКНАТИ. А тоа кај нас значи сосема нешто друго. Човек би рекол: “Дојдов ама не те ЗАТЕКНАВ” или може и подзаборавеното “Не те ЗАВАРИВ”.

Потребата од лектори во сите институции е неспорна. Уште понеспорен е сомнежот во нивниот капацитет. И таму каде што има лектори врие од грешки. Не велиме дека сите лектори се лоши но сме сретнале многу кои не се добри. Тие млади луѓе “НА кои се гордее” Госпоѓа Пирузе треба да бидат добро едуцирани од своите учители, што не е секогаш така. Изгледа дека кај нас треба да се менуваат работите откорен. А јазикот треба да си го знаат сите, не само лекторите. Сите учеле од учебници на македонски јазик. Но, кога слушаме професор по македонски јазик да прави вакви грешки што можеме да очекуваме од неговите ученици?!

Госпоѓо Пирузе, вака не ја тепаме мечката.

Благоја Ивчески

Loading