Виделина на пишаниот збор

Цеца Видова Трајческа, претседател на Клубот на литературни творци

“Литературата досега немаше канал, излез да се пренесе сé она што не пече. Новоформираниот Клуб на творци токму тоа ќе им го овозможи на сите што го сакаат пишаниот збор”. Вака вели Цеца Видова – Трајческа, претседател на Клубот на литературни творци, преку кој ќе се афирмираат литературата и пишаниот збор, бидејќи клубот е членка на Здружението на литературни клубови на Македонија. Засега членуваат 20 литерати, со тенденција да им се придружат и други творци, оти се отворени за соработка со секој што го сака, негува и почитува  пишаниот збор. Стартот им беше со поетската вечер посветена на Блаже Конески. Предвидени се наградни конкурси, поетски вечери, издавање на алманах, вечери посветени на значајни творци и на лауреати на Струшките вечери на поезијата. Сé што е интересно кај пишаниот збор, да излезе на виделина – додава Трајческа. Цитирајќи го Ацо Шопов, кој рекол:  “Ако  имаш нешто неизречено, нешто што те притиска и пече, закопај го во длабоката тишина, тишината сама ќе го рече”,  првиот човек на Клубот најавува акција за почитување на пишаниот збор, литературата, но и на македонскиот јазик.

Loading