Топла зима со греалки “Хримакс”

Произведуваат и сандачиња за струја, хидранти, за пошта

24 часа в дуќан располагаат со водоводна, електро опрема, санитарија…

Расте фирмата “Хримакс” на Христијан Тасески веќе десет години заедно со подемот на трговскиот дел, но и со производството. Од препродавач на електро материјали а, особено резервни делови за електрични шпорети на тезгите на пазарот, веќе стана респектабилно претпријатие од каде излегуваат кварцни греалки, сандачиња за вградување електро – осигурачи, поштенски сандачиња и сандачиња за хидранти. Не ја запоставува трговијата во дуќанот на улицата “Кузман Јосифоски”. Таму се нудат сите електро и водоводни елементи за инсталации, санитарија, канализација, железарија, од кабли, цефки, фитинзи, штекери…, сé што е потребно за вградување во нова куќа. Се најдуваат и резервни делови за шпорети, фрижидери, бојлери… И тоа 24 часа без празник. Продукцијата ја има низ прилепската и целата македонска трговија, оти доминираат со најниски цени на кварцните греалки со различна моќ.

Како растеше Хримакс?

Тасески вели дека бизнисот тргнал од тезгите на пазар со продажба на српски рингли и други делови за домаќински апарати пред повеќе од десет години.

– Постепено напредував. Отворив дома дуќан со проширена палета. Продавав и кварцни греалки и греалки за бања. Почнав и да ги произведувам. Ме охрабри човекот од каде што ги купував. Постепено купував машини за виткање и сечење на лимовите, купув дури и бојаџилница и комплетирав линија во погон за производство на греалки. Покрај нив произведувам и сандачиња за поштата, за струја и хидранти. Бараат и држачи за клима уреди и за керамиди. Тоа е дел од продукцијата – вели Тасески.

Сопственикот на “Хримакс” не се жали. Вели дека добро оди бизнисот со голем напор, иако опаѓа побарувачката на греалки.

– Не сум сезонски ориентиран. Зиме одат греалките, а лете сандачињата. Правам и рафтови по порачка, сандачиња за клими, за прва помош. Имам мака со нискиот напон на струјата во погонот. Се снаоѓаме со шест-седумте вработени – објаснува Тасески.

Тој планира да набави уште некоја машина за да се усоврши и рационализира производството, да се поткрени квалитетот и да биде конкурентен со поголемите производители, нудејќи поголем и поефтин асортиман. Се носи со идеја да прави панелни греалки и сандачиња за водовод, арматури за неонки.

Но, целиот бизнис му е поврзан со струја во погонот, која, понекогаш, поради падот на нискиот напон, му прави големи штети на машините. Со изградбата на  пречистителната станица во близина на погонот, очекува да го реши прашањето со струјата.

Loading