“Кочо Рацин” ги зграби наградите на Лајонс

 

На тестирањето спроведено од Лајонс клубот, минатата недела, најдобар избор на ученици имаше ОУ “Кочо Рацин”. Во рацете на учениците од петто до осмо одделение завршија три први, две втори и три трети места во конкуренција од 150 ученици од градов и околината. Првите места им припаднаа на Андреј Стефаноски од шесто одделение, Александар Ристески од осмо одделение и Александра Гическа од петто одделение. Второпласирани беа Јована Костоска и Марко Маркоски, а бронзата ја “зграбија” Јана Пашоска, Леонид Дамкоски и Галена Аризанкоска. Овие се прелиминарни резултати, а “малите лавчиња” ќе се докажат по втор пат во април наредната година на втората етапа од тестирањето. За изборот на “елитата” од ОУ “Кочо Рацин” било извршено интерно тестирање, а повозрасните ги предложиле наставниците. Марко од осмо беше најречит и кажа дека не му биле проблем ниту еден од предметите, со тоа што повеќе го влече математиката, па најверојатно ќе продолжи во техничката насока. Андреј Стефаноски имал проблем само со времето и вели дека ќе освоел повеќе бодови ако имало повеќе време. Тој сака да биде био-инженер и да ги “строи” ДНК хеликсите. На Александра Гическа најмногу и одат јазиците, а за иднина планира да биде професионален клавијатурист оти досега има освоено 11 дипломи од секаков карактер. Овие “махери”, слободното време го користат гледајќи филмови и играјќи на компјутер. “Генијалката” Александра ги свири сонетите на Моцарт и Шуберт и гледа анимирани филмови. Марко е “металец”, а Андреј е по хип-хопот со неговите идоли Еминем и доктор Дре. Додека Александра го шетка кучето Клеа, машките се “зацапани” во компјутерските игри. Со “стратегиите” ги длабат мозочните кори и наоѓаат начин да го применат виртуелно наученото во реалниот живот. Прво наградениот седмоодделенец Александар Ристески ужива во класичниот рок со фаворитите Гунс & Россес , “тренирајќи” го мозокот за англиски јазик. Кога не игра кошарка или тенис, гледа авантуристички филмови, како Пиратите од Карибите. Треторангираната Јана Пашовска  ги следи сериите Монк и Криминални умови, додека умот í “шета” кон адвокатските води. Се релаксира со Аврил Лавињ, а се “истегнува” играјќи одбојка. “Бронзената” Јована Костоска покрај љубовта кон англискиот има и љубов кон рекетот и жолтото топче. Како и повеќето од “елитата”, и таа свири на клавир. Спортски најактивна е Галена Аризанкоска која тренира одбојка и ракомет шест часа неделно. Не размислува за понатамошна кариера. Ужива во српска народна музика и со англиската пејачка Александра Стоун. Сака да чита, а омилена книга и е Двојната Лола. По “дифолт” сите се “зависници” од Фејсбук. Да не се “подгрбават” од учење, физички возат велосипеди, а Александра вежба пливање лете.

По стапките на темпларите

По двајца ученици од четврто до осмо одделение од основните училишта, ги бранеа училишните бои со екипа од “ТОП 15” ученици. Лајонс Клубот, познати како “Витези на слепите” го организираа тестирањето, помагајќи им на нашето најголемо  богатство – децата.       ОУ “Блаже Конески” беше домаќин. Децата ги одмеруваа знаењата по математика, англиски и македонски. Тестот компјутерски се проверува, да се избегне човечкиот фактор. Најдобрите ќе добијат вредни награди. Координаторот Пеце Петрески изјави дека манифестацијата има намера систематски да го следи успехот на учениците и е еден вид супервизијата на оценувањето.

Loading