Откупот на тутунот станува празник

“Без реакции на тутунарите веќе се откупени околу 20 отсто од годинешниот род на тутунот во земјава главно произведен во прилепско со просечна цена од околу 170 денари. Производителите се задоволни од досегашната проценка на осумте откупни фирми, оти цените се повисоки за околу 20 денари во споредба со лани”. Ова го изјави, заменик – министерот за земјоделство Зоран Коњановски во Тутунскиот комбинат, потсетувајќи дека и годинава државата ќе го субвенционира со 60 денари од килограм тутунот тежок 18 илјади тони. Создадена е култура на однесување меѓу тутунарите и откупувачите. Постои меѓусебен респект, не само за откупот, туку и претходно. Средствата се исплаќаат не подолго од 30 дена, согласно договорите – вели Коњаноски. Гоце Трајкоски, тутунар од Прилеп, е задоволен од проценката. Донесов 500 килограми квалитетен тутун кој “помина” во просек од 165 денари. Проценителите се коректни. Го ценеа според мострите. Само, треба да се “качи” третата класа, оти е малку 112 денари. Голема е разликата меѓу првата и третата класа. Реално, родот не треба да биде поефтин од 180 денари од килограм – вели Трајкоски. Не е задоволен од цената на третата класа Данчо Милески, претседателот на здружението на тутунарите. Бараме смена на неколку одредби од законот за да учествуваме во одредувањето на цените на тутунот. Кога ќе се вкрстат трошоците, ќе се добие цена на третата класа од 140 денари. За следната сезона ќе се смени законот и ќе влијаеме на креирањето на цените, заедно со откупувачите и министерството – вели Милески. Во прилепско годинава, околу 12 илјади семејства ќе предадат 14 илјади тони тутун од ориенталниот тип “Прилеп”.

Loading