НАДВОР ОД УМОТ

Од градежните работници мошне често го слушаме зборот СТОПА. Го употребуваат и работниците и инженерите. А што значи зборот СТОПА? Кога треба да се гради некој бетонски столб, на долниот дел, подлабоко во земјата, се става бетонска подлога, поширока од широчината на самиот столб. Е, таа подлога се викала СТОПА. Не навлегуваме во намената или во начинот на изградбата. Тоа е работа на инженерите и на градежните работници. Не интересира самиот збор – СТОПА. А зошто тоа да не биде СТАПАЛО? Токму тоа значи српскиот збор СТОПА!

Ќе приведеме уште една грешка слична на оваа. Пред некое време бевме информирани од еден спортски новинар, дека англискиот фудбалер Рајан Гигс добил, како награда, ЗЛАТНО СТОПАЛО. Дали новинарот ја добил информацијата од некоја српска агенција, дали не сака (или не знае) да мисли, дека зборот СТОПАЛО на македонски гласи – СТАПАЛО?! Тоа не е некој редок, непознат збор. Неговата употреба е многу честа во нашата комуникација. Што е тоа што го натерало новинарот да вели СТОПАЛО?! А не беше тоа случајна грешка, тој го повтори тоа повеќепати. Значи мисли дека така треба. А самата награда, самиот предмет има форма на СТАПАЛО. Зар не знае новинарот, дека со тој дел на ногата, со долниот дел ние СТАПНУВАМЕ на земјата?! Затоа и се вика СТАПАЛО, а не СТОПАЛО.

Оние СТОПИТЕ во градежништвото исто така имаат таква функција. Столбот со својата тежина да стапне на цврста подлога. Според тоа и тој дел треба да се вика СТАПАЛО, а не СТОПА. Зборот СТОПА се користи како термин и во поезијата. На пример, Србите велат МЕТРИЧКА СТОПА, а кај нас тоа е МЕТРИЧКА СТАПКА.

Не треба, покрај нашиот збор, да земаме туѓ. И СТОПАТА и СТОПАЛОТО на македонски е СТАПАЛО. Редно е веќе еднаш да СТАПНЕМЕ на своето. Редно е да го одбележиме и тоа дека СТОЛБОТ или СТОЛБОВИТЕ нашиве луѓе обично ги викаат СТУБ или СТУБОВИ. Погрешна е таквата употреба. Најверојатно, тоа е под влијание на српскиот јазик.

Се организираше во Скопје една необична манифестација – ПОЈАДОК НА МОСТОТ. Слушавме за тоа информации и пред почетокот и по завршувањето на манифестацијата. Од една телевизија слушнавме дека сето тоа не завршило баш како што треба. Ни кажа новинарот дека скопјани веднаш НАГРНАЛЕ на јадењето и се создал голем неред. Новинарот се однесува критички спрема оваа појава. Можеби има и право. Можеби тоа и било така, но каде го најде новинарот зборот НАГРНАА?! Мошне често, нашиве новинари, го “збогатуваат” македонскиот јазик со туѓи и непознати зборови. Би рекле, непотребни зборови. Зборот (глагол) НАГРНАА не е наш и досега ретко сме ја слушале оваа грешка. Но ете, новинарот се “сети” дека е можно и такво нешто. НАГРНАА значи – СЕ ВТУРНАА, СЕ СТРЧАА, СЕ СТРУПАА. Значи, штотуку се поставила храната, луѓето СЕ ВТУРНАЛЕ, СЕ НАТРУПАЛЕ и така се нарушил редот. Во конкретниов случај може да се употреби и глаголот – НАВАЛИЈА. И тој ќе го има истото значење. Но, новинарот ги изоставил сите македонски можни варијанти и се определил за туѓ збор.

Гледавме разговор на една телевизија помеѓу домаќинот (новинар) и гостинот (новинар). Гостинот, доскорешен главен уредник на една телевизиска куќа. Разговараат на разни теми. Проблемите во новинарството, проблемите на новинарите и така натаму. Зборувајќи за некој голем проблем, за некој проблем што се решавал на необичен начин, доскорашниот уредник вели – “Па тоа е ВАН ПАМЕТИ”.

А кој го вели тоа? Кој употребува ваков израз? Главен уредник на телевизија! Можеби проблемот навистина бил голем, можеби и решението навистина не било како што треба, но таков човек да употребува ваков израз, од вакво место, тоа е навистина “НАДВОР ОД УМОТ”.

Благоја Ивчески

Loading