Саатот ќе се ,,курдиса,,

Идната година Градскиот Саат, гордоста на Прилеп ќе се “курдиса”. Не само што ќе биде реконструиран и ќе се санира навалувањето, туку и ќе проработи и механизмот. Министерството за култура, како што најави министерката Елизабета Канческа – Милевска, ќе оддели три милони денари за неговата санација. Се грижиме за зачувување на културното наследство. Затоа Саат кулата, е меѓу приоритетите. Музејот и ИЗИС изработија проект за статичка стабилност со кој ќе се реставрира кулата, со што во 2012 година ќе ја промовираме во автентичен стил – рече министерката. Од Музејот велат дека навалувањето било започнато од 1935 година. Од извршените седум серии на мерења од 1996 до 2009 година Саатот од врвот па се до основата остапува 85 сантиметри. Уште трае навалувањето, а причината веројатно е тежината на скалите од југозападната страна. Не постои начин да се врати во вертикалата, но со проектот ќе се спречи натамошното навалување. Планираме да го стартуваме и механизмот. Преку интернет ќе дојдеме до контакт со фабриката да дадат мислење што треба да се направи за да работи – вели Гордана Спироска. Градоначалникот Марјан Ристески вели дека Саатот е во душата на секој прилепчанец. Среќен сум што ќе се реконструира Саатот, бидејќи е посебен и уникатен, не само по градбата туку и по исправеноста и височината. Ако Пиза прави пари со Кривата кула и ние тоа можеме да го продаваме. Посетителите со плаќање карта ќе можат да се качуваат до одредена височина и панорамски да го разгледуваат градот – вели Ристески. Саатот е изграден 1858 година, една година пред лондонскиот Биг бен, од познатиот мајстор Петре Лауцо. На него пишува “Чукањето на саатот не е секогаш означување на времето. За животот и времето што минува тој жали и вика – Ах!.

Loading