Манта, Тони – Илчо, Калц

Хуманитарен турнир во мал фудбал

По повод празникот Свети Никола, вчера, денеска и утре во арената “Сонце” е хуманитарниот турнир во мал фудбал на локалната самоуправа, конфекцијата Комфи Ангел и Центарот за граѓанска иницијатива. Како светецот кој помагал сиромашни и беспомошни, така организаторите сите собрани пари од котизацијата на над 30 екипи и од продадените билети, ги наменуваат за помош во реконструкцијата на Детското одделение од Градската болница. Се очекуваат полни трибини, зашто покрај малиот фудбал занимлива е и забавната програма. Подготвена е популарна микс музика од познати диџеи, балетски точки и мажоретки. Финалето е в сабота во 20 часот, а пред тоа во 19 часот е мошне атрактивен ревијален фудбалски меч помеѓу некогашните легенди на Победа и 11 Октомври против гостинските од скопски Вардар. Имаат што да покажат од старите добри времиња, Марјан Стојкоски – Манта, Тони Наумоски, Горан Тодоровски – Сивчо, Небојша Стојковиќ, засилени со градоначалникот Марјан Ристески, спроти Љупчо Марковски – Калц, Илчо Ѓорѓиоски, Сашо Милошевски, Боби Милевски, Марио Вујовиќ.

Корзо првак

Сладок пораз за Корзо со 3-1 од Вардар во Неготино, бидејќи и по него останува на врв и е есенски првак во Трета лига – Југ. Беше трет неуспех за играчите на Горан Тодоровски и Панде Трајчески, покрај едно реми и 10 победи. Останати од последно коло: Илинден – Кожуф 1-0, Борец – Кадино 2-4, Партизан – Г. Коњари 2-0, Млекар – Бабуна 0-1, Младост – Бирлик 5-2. Табела: Корзо 31, Бабуна, Кожуф, Илинден, Партизан, Вардар по 30, Г. Коњари 26, 10-та Младост 13, 13-то Млекар со осум, 15-то со седум бода е Кадино.

Бизнис голгетери

Ефикасни партии и во 2. коло од Бизнис лигата. Спорт лајф го совлада Лукас Елит со 6-3, а .Економски факултет загуби 1-7 од Сидро. Останати: Златна рака Проспект – Основен суд 1-0, Прилеп – Горан паркетар Електроелемент 2-4, Кабелнет – Агроинвест 3-3. Табела: Спорт лајф и Златна рака Проспект по шест бода.

Loading