Охридско лето

Историја

Културата го истурка фудбалот во спортска емисија! Се случи 2003 година. Победа играше реванш во 2. коло од европскиот куп Интертото, на гости кај австрискиот Пашинг. Се очекуваше расплет после првиот меч со реми, 1-1, со гол на Благоја Гешоски. Попладневниот термин резервиран за директен радио пренос, а на место репортерот Александар Стиков. Почна добро, со пренесување настани, како умее искусниот новинар, но го прекинаа од студио. Имало најава за манифестацијата “Охридско лето”. Од туристичкиот центар се јави репортерка за култура и одвај чекаше шанса, токму во преносот да го прочита до крај изнапишаното: “Охридското лето го отвора симфонискиот оркестар тој и тој. Диригентот е роден таму и таму, се школувал… Виолинистот е роден таму, израснал во таква фамилија, во кариерата настапил, учител му бил… Да ги преставам и останатите…” Водителот не сакаше од учтивост, а таа не се сети да прекине. Да ги претстави сите, í требаа часови. Занемениот репортер, попусто појден во Австрија, се јави при завршувањето да каже дека Победа е елиминирана 2-1 со гол на Марјан Нацев. Многу навивачи искршија по нешто дома од нервоза за поразот и преносот, растурен од Охридско лето.

Loading