Честитки од Меси

Фудбал: Горан Спиркоски и судеше на Барцелона

Арбитража без грешка во Лигата на шампионите

Среда, 19 октомври, цел живот ќе ја памети фудбалскиот судија Горан Спиркоски. Вечерта беше еден од шесте македонски арбитри, предводени од главниот Александар Ставрев, кои ја делеа правдата на мечот од Лигата на шампионите, Барцелона – Плзен 2-0. Прекрасно, како сон. На стадионот “Ноу камп” чест е да бидеш меѓу 85 илјади гледачи, а не да си актер. Одговорноста е огромна, светот гледа, снимаат 35 камери. Како помошен судија имав две ситуации за гол – аут и сигнал дека нема фаул за пенал. Се заврши најдобро, без забелешка, туку со пофалби од францускиот контролор – задоволен е Спиркоски. Незабележливи се судиите кога работат безпрекорно. Очите на јавноста се вперени кон светските ѕвезди од Барцелона. На крајот и тие и поразените беа супер коректни. Си подадоа раце за меѓусебни честитки. Аргентинецот Лионел Меси прво му честиташе на Спиркоски, кога пријде кон судиите. Мега ѕвезда, а сосема нормален, обичен човек. Такви се и соиграчите. Ги гледав на загревање, на натпреварот и по завршување, ниеден гест не ги оддели од останатите, освен со играта. Кон нас имаа респект, иако сме од мала земја. Добивме по пенкалце и знаменце за сеќавање, при приемот кај клупскиот претседател Сандро Росел – раскажува Спиркоски. Спиркоски сега со оптимизам очекува наредно делегирање од УЕФА. Има изгледи пак да суди на натпревар од Лигата на шампионите.

Loading