Фудбал: Филип Василески, нов во управата на 11 Октомври
Беше менаџер во Тинекс и ракометар во Пролет
Филип Василески, доскорешниот ракометар, лево крило на суперлигашот Тинекс Пролет од Скопје, е назначен за генерален секретар на прволигашот, 11 Октомври. Беше избран на јавен конкурс меѓу повеќе кандидати. Млад ја прекина ракометната кариера поради тешка повреда и одлучи да се врати во родниот град. Завршив Економски факултет и готвам магистратура на маркетинг и менаџмент. Имам вредно тригодишно искуство како менаџер во Тинекс маркети. Во спортот сум мошне упатен. Дојдов на вистинско место и работам од срце токму тоа што го сакам – истакнува Василески. Младиот и амбициозен Василески го прифати предизвикот за професионално да е секретар. Посветен е на екипата. Тренерите и играчите се обраќаат кај него за секоја потреба. Врска е помеѓу нив и Управата со спонзорот. Наидов на прекрасни луѓе со децениско искуство во фудбалот и оттука и јас учам. Одлично организираниот клуб е отворен за новини. Тенденција е напред, како сите современи клубови. Пример е Работнички, со директорот Игор Ангеловски – Мрме. Ние сме на тој пат – истакнува Василески. Формирани се 12 комисии. Внимание привлекува службата за маркетинг и менаџмент. Со напорна работа и истрајност се очекува зголемување на гледачите, привлекување на спонзори. Ако беа три во просек, убаво е да бидат пет илјади гледачи, а покрај главниот да има и други големи спонзори. Продолжуваме чекор понатаму со идеи за популаризација во училиштата, поставување плакати и низ населбите, рекламирање на големиот екран, продажба на влезници за деца и возрасни, поединечно и блок… Важна е соработка со медиумите. Сите замисли одат по хиерархија и се реализираат само со виза на Управата – потенцира Василески. 11 Октомври стави уште еден столб клубот да стане гордост на фудбалски Прилеп.
Дојде “Германец”
Кон тимот на 11 Октомври приклучен е нов фудбалер, Кире Талески. Тој е повратник од Германија, од третолигашот Кил. Игра во средината и нападот. Продолжува тенденцијата за повеќе домашни играчи, израснати во 11 Октомври.
Домаќини во Струга
По прекинот и службено 0-3 загубениот меч дома со Ренова, суспендиран е стадионот “Гоце Делчев”. Надлежните од ФФМ подготвуваат казна за играње подалку од 100 километри од Прилеп. Веројатно 11 Октомври ќе го избери теренот на Влазними во Струга. Пролетоска казнетиот Влазними играше во Прилеп. Вчера беше куп реваншот кај Скопје, а в недела првенствено гостување на Охрид.